Во тек се уписите за втор и трет циклус на студии на Институтот кој бележи 55 годишно постоење
Во Македонија сè попотребно е дефинирање конкретни работни позиции и во државниот и во приватниот сектор и воведување организациски единици за човечки ресурси во сè повеќе претпријатија. Ова е една од програмите што се изучуваат на вториот и третиот цилкус на студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Директорката на Институтот проф. д-р Бојана Наумовска објаснува што сè може да изберат студентоте на уписите што се во тек.
Во тек се уписите за втор и трет циклус на студии на ИСППИ. Кои програми им се достапни на студентите?
– Институтот во своето 55 годишно постоење успеа да развие повеќе студиски програми што ги следат и се значајни за општествените процеси, но во исто време се во согласност со светските трендови. Па така денес може да се запишат студенти на постдипломските студии (втор циклус универзитетски студии) на следните насоки: Политички науки и човекови права (од 1967г.), Социологија на општествени промени (од 1967г.), Комуникации (од 1980г.), Менаџмент на човечки ресурси (од 1991г.) и Општествен развој (од 2014г.). Во делот на студиите од трет циклус (докторски студии) својот интерес студентите би можеле да го најдат во програмите Демократија во услови на глобализација, Социологија на организација, Социологија на окружувањето и Организациски науки – Менаџмент (во конзорциум со Економскиот факултет и Економскиот институт). Како што можете и да видите, во своето долгогодишно постоење Институтот се развива во повеќе насоки, првенствено со својата научно-истражувачка работа од каде понатаму го има кредибилитетот во градењето на споменатите студиски програми.

За што има најголем интерес во последните години?
– Иако сите програми се значајни и имаат голема применливост, но и даваат дополнителна можност за кариерно насочување, сепак за програмата Менаџмент на човечки ресурси има најголем интерес. Нашите анализи покажуваат дека токму дефинирањето на конкретни работни позици (како во државниот така и во приватниот сектор) како и воведувањето на организациски единици за човечки ресурси во сè поголем број на претпријатија, за кои е потребно вакво образование и поседување на специфични компетенции, ги мотивираат студентите да ја одберат оваа насока.
Колку се информирани студентите за овие програмите, со оглед на тоа што на Институтот нема прв циклус на студии и не постои оној природен тек на дипломирање па продолжување на студиите?
– Наши студенти се најчесто луѓе на кои им е пренесено позитивно искуство. Речиси сите наши студенти познаваат некој кој веќе бил студент на ИСППИ, и оваа препорака навистина многу ни значи. Запишувањето на студенти за вториот циклус на студии секако е многу поедноставен за Факултетите, но затоа нам ни останува просторот да се наметнеме со нашата примарна дејност а тоа е научно-истражувачката. Целта на вториот циклус на студии, за разлика од додипломските, е градење на млад истражувачки кадар и внесување на науката во наставните процеси. Треба да ги доближи техниките на истражување до студентите и да ги воведе во процесот како да ги користат. Треба да ги научи студентите како да дојдат до сознанија значајни за нивната област која ја студираат, но и како овие сознанија да ги користат при креирање на политики/стратегии или донесување на соодветни одлуки. Вака поставените студии, но и академскиот кадар со богато истражувачко искуство кој е спремен да го пренесе своето знаење е препознаен од нашите студенти и претставува една од нашите најголеми предности. Од друга страна, тоа што работиме со помал број студенти ни дава простор за индивидуален пристап, но и можност целосно да им се посветиме и да бидеме достапни во секое време за нивните прашања, што исто така студентите го истакнуваат како наша предност.

Проф. д-р Бојана Наумовска / Фото: Од гостувањето во емисијата „Топ тема“ на „Телма“
Како ќе се одвиваат студиите поради околностите со пандемијата?
– Пред пандемијата студирањето се одвиваше исклучиво со физичко присуство, но новонастанатите околности наметнуваат поголема претпазливост. Во минатата академска година предавањата, полагањата на испитите, како и одбраните на магистерските се одвиваа онлајн, и тој модел планираме да го задржиме и оваа година бидејќи сè уште бројките на новозаразени и починати загрижуваат. Иако физичкото присуство е незаменливо, сепак овој нов начин на работа отвори и други можности, па така сега е многу поедноставно студирањето за студентите од другите градови од земјата, како и за студентите од странство/регионот, секако и за оние што се вработени.





