За илузијата на МОН дека секој ученик сам седи во клупа

По принципот три пати кажано „она во што сакам да верувам (поточно сите да веруваат)“ станува вистина, министерската за образование и наука Мила Царовска не пропушта ден да повтори дека нема трансмисија на ковид-19 во училиштата, дека сè е под контрола, процентот на позитивни ученици е многу мал. Дека тоа го тврди Кризниот штаб, а таа ја следи препораката. Најчесто бројката се кажува во проценти, и тоа многу мали, помеѓу 0,01 и 0,03 зашто кој сега ќе седне да пресметува колку е тоа на двесте и кусур илјади ученици во Македонија?! А искажани во проценти, бројките се помалку страшни.

Една мала ретроспектива. Од затворањето на училиштата кон средината на март 2019 година, завршувањето на последното тримесечје електронски, ама „по мејл“, учениците го дочекаа 10 јуни. Следната учебна година кај нас почна еден месец подоцна, чекајќи ја националната платформа за онлаjн-настава, која експертите од ФИНКИ можеа да ја спремат уште во јуни. Но, тоа лето беа поважни парламентарните избори. Кој мислеше на онлајн-настава и национална платформа?! Така учениците добија уште еден месец летен распуст, затоа што мораше да се смени законот кој предвидуваше почеток на учебна година исклучиво во школските клупи. И додека на Запад сите си одеа во школо, ротираа по една недела, децата научија два пати неделно сами да си прават брзи тестови на училиште, ризичните ученици веднаш одеа во изолација, останатите веќе без маски следеа настава, ние ја избравме најбезбедната варијанта: учење од дома – цела година! Во школо тргнаа најмалите ученици, од 1. до 3. одделение, сите поделени во две помали групи за да може секој ученик сам да седи во клупа. И оние училишта што добија дозвола од Кризниот штаб дека имаат малку ученици и добра епидемиолошка состојба. И ситуацијата беше под контрола. Средношколците од Тетово се утепаа од протестирање, зашто сакаа да одат во школо, ама надлежните инсистираа дека не е безбедно. „Здравјето е најважно!“

И така, сè до 1 јуни кога претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани рече дека сме биле позагрижени за отворање на кафулињата и рестораните, отколку на училиштата. Со право, бидејќи кон крајот на мај веќе епидемиолошката состојба беше задоволителна, ама за 20 дена да отвораме училишта!!?

Со прекорот на Ди Џовани почна сосема спротивна кампања. Наеднаш, сè стана безбедно. Се докажало дека во школите не се шири вирусот (со 1/3 исполнетост и тоа најмалите ученици поделени на половина!). Никој веќе не спомнуваше растојание од 2 метра, дека животот и здравјето се најважни. Наеднаш, образованието стана поважно. Паралелно се навестуваа три модели за почеток на оваа учебна година, протоколите беа објавени уште на почетокот на јули и сите се прашуваа зошто во кафеана, во книжарница, во аптека мора да се почитува бројност, а во училниците тоа не важи?

И почна новата учебна година, со преполнети автобуси во главниот град, со по 35 ученици во гимназиите, 30 некаде и повеќе во основните училишта (со исклучоци). И првачињата кои лани беа по 15 во одделение, годинава се обединија и станаа 30. Џабе поплаките на наставниците во средните училишта дека се обесправени, дека единствено тие немаат право на избор (настава од дома) ако имаат некоја хронична болест. Неделно беа изложени на контакти со по 200 и повеќе ученици. И така со 3.000 активни болни во мај учениците следеа онлајн-настава, а со 13.000 во септември сме биле спремни 100 отсто да ги отвориме училиштата.

Деновиве се зголемува бројот на позитивни ученици и наставници. Ако со хибридна настава и оние со полесни симптоми ќе можеа да предаваат од дома, сега образовниот процес е пред блокада. Позитивни наставници отсуствуваат од настава, се губат часови, никој не ги надоплонува, во многу училишта и недостигаат наставници. Прашањето е, зошто од една крајност отидовме во друга? Зошто и покрај укажувањата на многу лекари, епидемиолози, дека отворањето на училиштата треба да се одвива постапно, дека хибридниот модел е најдобро решение, надлежните одлучија да се коцкаат?

Министерката Царовска цел месец, скоро секој ден посетува по некое основно или средно училиште во земјава. Во желбата МОН да ја прикаже својата илузија како реалност, ниту еднаш во медиумите не е испратена фотографија со 30-35 ученици во училница. Добиваме фотографии со првачиња, секое во посебна клупа, па дури и при посетата на скопската гимназија „Никола Карев“ до медиумите (читајте: јавноста) беа испратени фотографии од новата италијанска паралелка. Овална училница, со бели клупи за по еден ученик, библиотека во позадина… Убавина! Зошто не ги прикажавте останатите класови во „Карев“, „Корчагин“, „Орце“ – училишта со повеќе од 1.200 средношколци?

Да, за учениците нема подобра опција од настава во клупа, дружење со врсниците. Но, факт е дека ние не сме општество во кое политичарите ја преземаат одговорноста за своите постапки кога нешто ќе тргне наопаку. Тоа го има докажано и власта, и опозицијата, и (вечната на власт ДУИ) и сите други. Колку и да звучи популистички и ловење предизборни поени, градоначалникот на една скопска оштина деновиве одржа лекција по одговорност кога на сите училишта во неговата општина им донираше брзи тестови за ковид-19. Вчера и министерот за здравство најави брзи тестови во училиштата од 1 октомври. Ако го следиме примерот на Европа каде учениците сами се тестираат два пати неделно, на 240.000 ученици во Македонија тоа би било нешто помалку од 2 милиона брзи тестови месечно. Да се надеваме дека ветувањата нема да траат до 17 октомври.

Сподели