Јеткин Сезаир во повеќе проекти веќе докажува дека Турскиот театар треба да смета на него и посериозно во иднина. А, не можам да се сетам дали некој друг актер од овој театар (а и од другите национални) би можел подобро да го создаде Салиери, подобро од Селпин Керим на сцена.
Немаме многу често прилика на сцената на некој национален театар да го гледаме текстот „Амадеус“ од Петер Шефер. Во 1996 година го постави режисерот Златко Славенски, кога главните улоги тогаш ги толкуваа Драган Спасов-Дац (Моцарт) и Сенко Велинов (Салиери). Во 2018 година, на сцената на Народниот театар од Штип, овој текст го постави и хрватскиот режисер Иван Лео Лем, а главните улоги ги толкуваа Ефтим Трајчов Ѓаурски и Владимир Тулиев. Темата на презирот, омразата, на фрустрацијата, се чини никогаш повеќе актуелна и потребна, а низ познатата приказна на чудото од дете Волфганг Амадеус Моцарт и неговиот вечен непријател Антонио Салиери, е секогаш интересна за навраќање и за придобивање нова публика.

„Амадеус“ овој го видовме според погледот на свет на Андреј Цветановски, а во продукција и изведба на актерите од Турскиот театар. Премиерата на претставата се случи на „Охридско лето“, а скопската премиера е закажана утревечер во 20 часот на сцената на Турскиот театар во Скопје. И во овој текст ќе нагласам за сите љубопитни што можеби досега не ги виделе претставите на овој исклучителен театар (што ја дели зградата на Театар Комедија), дека сите претстави, а и „Амадеус“ се со превод на македонски јазик.

„Амадеус“ е одлична претстава на режисерот кој во секоја наредна своја претстава ни се покажува во се’ подобро светло. Внимателно избрани актери, од прв до последен. Радост е да се види како помладите актери растат во големи глумци, кога постепено добиваат жанса да покажат што знаат. Тоа е приказната и со Јеткин Сезаир, кој го игра Моцарт со голема леснотија. Јеткин Сезаир во повеќе проекти веќе докажува дека на него Турскиот театар треба да смета во иднина (а и веќе смета). Го доловува Моцарт и во неговите најрадосни моменти кога настапувал и кога се забавувал со Констанца (Слаѓана Вујошевиќ) и сите други девојки/жени, но и во неговата најголема мака, беда, неприфаќање. Посебно впечатливо и топло е претставена релацијата на Моцарт со неговиот татко, кој и самиот бил композитор. Него го игра Џенап Самет со посебна стаменост и топлина.

Аксел Мехмет
Совршен контрапункт на Сезаир е Селпин Керим, се разбира во улогата на Салиери. Не можам да се сетам дали некој друг актер од овој театар (а и од другите национални) би можел подобро да го создаде Салиери на сцена. Силен поглед, моќна шминка, движење на телото што ве држи во фокус прикажувајќи ја цела беда и немоќ на еден несреќен иструстриран човек. Посебно ефективни беа режисерските решенија во кои се прекинуваше сцена за да има куса драмска пауза, што го задржува вниманието. Би ја издвоила сцената во која Моцарт настапува, а Салиери од алчност и злоба, не може да се воздржи и да го поднесе неговото постоење.
Костимите на Раде Василев се посебно впечатливи и и’ даваат на претставата многу силен израз на класичната доба. За поздрав е што не се избрани гломазни и нападни костими. Сценографијата е моќна, но ненаметлива, а посебен шмек дава изборот пијаното да не биде класично пијано туку вид конструкција. Тоа дава изразита модерна нота на претставата.
Слаѓана Вујошевиќ одлична како Констанца, тројцата заедно со Јеткин и Керим прават моќен триаголник. Интересна епизода има Аксел Мехмет, во улогата на австрискиот цар. Во претставата играат и: Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова.
За режисерот Цветановски ова не е прва средба со темата за Моцарт, ја работел „Салиери“ како дипломска претстава.
„Амадеус“ е претстава што не би го оставила рамнодушен ниеден човек што се занимава со каква било уметност. Ова е уште една претстава-бисер на еден од најдобрите театри во земјава, Турскиот театар од Скопје.
Фото: Турски театар – Скопје





