Зошто бројката на македонски студенти во Словенија е над 3.500?

Време за чекање нема, бидејќи од тоа зависи не само развојот, туку и опстанокот на нашата држава. За да се подобри студентскиот стандард во Македонија потребна е сеопфатна државна стратегија

Нема „волшебно стапче“ со што веднаш ќе се надминат проблемите создавани со децении поради занемарување на високото образование и студентите, ниту може за кусо време да се подигне студентскиот стандард во Македонија. Проблемите не се само финансиски, туку системски. Но време за чекање нема, бидејќи од тоа зависи не само развојот, туку и опстанокот на нашата држава, вели д-р Ратко Дуев, професор на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје и претходен декан на факултетот со два мадата. Во интервјуто за Умно.мк тој зборува за состојбите во високото образование во Македонија, за студентскиот стандард, за причините зошто сè повеќе млади луѓе заминуваат на студии во странство.

Проф. д-р Ратко Дуев

Секоја година се зголемува бројот на студенти што се запишуваат на прв циклус на студии во странство. Зошто младите не сакаат да студираат дома?

– Постојат повеќе причини. На Филозофскиот факултет пред три години направивме истражување за причините зошто студентите сакаат да го продолжат своето студирање во странство и зошто не ја гледаат иднината во својата земја. Резултатите покажаа дека причините не се економски. Најголем процент, околу 33 отсто, како главни причини ги наведоа условите за живот. Меѓу младите постои општо незадоволство од системот и корупцијата. Во многуте истражувања направени изминатите години од меѓународните и невладините организации, исто така, како една од главните причини за иселување се наведува високото ниво на корупција. Всушност младите студираат во странство за да можат полесно да мигрираат во развиените земји. Главни причини се и подобрите услови за студирање и студентскиот стандард. За жал „одливот на мозоци“ сериозно влијае врз развојот и напредокот на Македонија. Сите развиени земји имаат стратегии за привлекување талентирани студенти поради намалениот наталитет и недостигот од квалификувана работна сила при што нудат многу поволности и стипендии. Приоритет на нашата држава мора да биде интензивно преземање мерки за намалување на овој тренд. Државата издвојува големи финансиски средства од буџетот за сите степени на образование, кои се губат со заминувањето на младите да студираат во странство и нивното мигрирање во други земји. Тоа може најдобро да се согледа во Извештајот на Државниот завод за ревизија за „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“ објавен во 2024 година, во кој е наведено дека изгубената инвестиција во образование во овие кадри рефлектира вкупна загуба од 8,34 отсто од БДП на годишно ниво. Дали со вакви загуби на човечки потенцијал и финансии ние можеме да зборуваме за развој?

Колку студентскиот стандард е причина за оваа состојба?

– Во нашата држава Законот за Студентскиот стандард ги регулира само студентските домови. Ако ги анализираме школарините на државните универзитети во Македонија, тие се релативно ниски во споредба со оние во Западна Европа, но се товар за студентите од семејства со ниски примања. За редовните студенти во државна квота, партиципацијата изнесува околу 200 евра годишно, додека за оние со кофинансирање и вонредните студенти околу 400 евра годишно. Сепак, студентите се соочуваат и со дополнителни давачки кои варираат од факултет до факултет и кои значително ги зголемуваат вкупните трошоци за студирање. Цената на животот е генерално пониска од онаа во Западна Европа. Но ако ги анализираме сместувањето во студентски домови, покачените трошоците за приватно сместување, храна, превоз и други основни потреби реално се високи во споредба со стандардот на граѓаните. Во споредба и со земјите во регионот како Србија, Бугарија или Романија, Македонија често се наоѓа на дното кога станува збор за студентскиот стандард и можностите што им се нудат на студентите.

За поздравување е конечно донесувањето на Законот за работно ангажирање на лица годинава (Бр. 08-2907/1, 20 мај 2025), на чија потреба укажував многу пати изминатата деценија, што овозможува студентска работа. Донесувањето на овој Закон е многу задоцнето, бидејќи долги години голем дел од домашните студенти заминуваа на привремена работа во летниот период во Германија и САД преку специјализирани агенции за студентска работа. Се сеќавам, како студент постоеја слични агенции за Младинска работа во Македонија кои подоцна беа укинати со новите закони.

Не е чудно што прв избор за студирање на македонските студенти во изминатите години се словенечките универзитети. Рекламите на словенечките универзитети гласат: „Студирај, работи и живеј во Словенија“. Падот на наталитетот и недостигот од висококвалификувана млада работна сила принуди многу европски земји да работат на студентскиот стандард, зголемување на стипендиите за привлекување на меѓународни студенти. Со сите преземени мерки на овој план Словенија стана една од најповолните опции за македонските студенти. Јавните универзитети во Словенија не наплаќаат школарина за студенти од Македонија (како и за студенти од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и од Србија) за редовни додипломски и магистерски студии. Трошоците за живот се поумерени во споредба со Западна Европа, но повисоки од земјите во Југоисточна Европа. Сместување во државни студентски домови се движи 120 – 250 евра, а 250 – 400 евра во приватни станови или заеднички станови. Словенците пресметале дека за храна на секој студент му е потребно 150 – 250 евра месечно, затоа големо олеснување се студентските бонови (subvencionirani obroki) – државен систем каде студент плаќа само околу 3 – 4 евра, а остатокот го покрива државата (во Хрватска е најповолна состојбата со субвенционирано мени при што студентот плаќа само 0,86 евра за оброк).

Но најголемата финансиска поддршка е можноста за студентска работа. Студентите можат да работат преку специјализирани студентски сервиси (študentski servis), регуларен систем преку кој добиваат законски договор, плаќаат минимални давачки и имаат загарантирани плати, така што студентите можат сами да си ги покриваат трошоците за домување и храна, без да студираат на товар на своите родители. Секако сите бенефиции ги стекнува доколку студентот ги положи приемните испити, со што се прави селекција, бидејќи студентскиот стандард во Словенија е меѓу најповолните во Европа и голем број млади од регионот и Европа ја избираат како студиска дестинација.

Можеби е нелогично да се споредуваме со најразвиената европска земја – Германија, но само како податок да наведам дека студентите не плаќаат школарина на повеќето јавни универзитети за сите додипломски и интегрирани магистерски програми, без разлика на националноста. Тие плаќаат само семестрална такса (Semesterbeitrag) која изнесува околу 100-350 евра по семестар, а покрива административни трошоци и вклучува билет за јавен превоз кој им овозможува неограничено користење на јавниот превоз (автобуси, возови, метро) во одреден регион или град. Универзитети на студентите им нудат можност да заработат, но и стекнат пракса, еден вид самофинансирање на студиите, имаат право да работат до 20 часа неделно за време на семестрите и полно работно време за време на распустите. Минималната плата е околу 12 евра на час (2025 година). Студентите можат да користат мензи (Mensa), каде што оброците се субвенционирани и чинат околу 2-5 евра. Универзитетите нудат содржаен студентски живот, нудат современи библиотеки со бесплатен пристап до книги, научни трудови и дигитални ресурси, добиваат попусти за музеи, кина, театри и концерти, бесплатни спортски активности итн. Најважно нудат бројни стипендии, како што е програмата DAAD, кои ги поддржуваат и домашните и меѓународните студенти.

Кои се главните причини поради кои студентскиот стандард во Македонија никако да го достигне задоволителниот минимум?

– Многупати напомнував во медиумите дека образованието е столбот на секоја држава, нејзино „огледало“ за севкупната состојба во која се наоѓа општеството, а особено високото образование кое е круна на заедницата во која живееме. Затоа и Законот за високо образование е Lex Specialis − посебен закон и има секогаш предност пред општите закони заради автономијата на универзитетите. Развиените земји функционираат по принцип на триаголникот високо образование – држава – заедница и огромни инвестиции во науката. Донесени се многу закони за високо образование, стратегии за кои се потрошени многу народни пари и странски донации. Многу пати потенцирав дека за образованието потребно е да се направи национален и натпартиски консензус, негова деполитизација, да не зависи од промените на власта и честата промена на министрите за образование и наука. Сите овие постојани законски измени беа концентрирани на наставниците, студиските програми, контрола на универзитетите, без да се води грижа за основниот столб на тој систем − студентот.

Универзитетите не можеа да ангажираат студенти, особено магистранти и докторанди, за проекти и настава бидејќи затоа мораа да бараат согласност од Министерството за финансии која често не ја добиваа. Формално постојат Центри за кариера кои не можат да функционираат како студентски сервиси поради ограничените законски можности за работа. Позната ни е состојбата со студентските домови и мензи. Најголем проблем се ниските стипендии. Долги години се издвојуваа милионски суми за стипендирање на студенти на високо рангирани светски универзитети за што нема никаква анализа кој е ефектот од оваа мерка, а многумина не ги завршија студиите (ниту ги вратија парите), а оние кои по дипломирањето се вратија, државата не ги вработи. Стипендирањето мора да има цел и причина зошто се трошат буџетски средства. Недостигаат донации и стипендии од приватниот сектор за универзитетите кои се дел од заедницата но немаат општествена одговорност. Студентите кои се стипендираат мора да бидат обврзани од државата да останат најмалку 10 години, но да имаат приоритет при вработување како добри студенти во јавниот или приватниот сектор. Зошто државата да вложува огромни средства за стипендирање талентирани студенти ако општеството нема никаква полза од тоа?

Словенија е земјата најпривлечна за македонските студенти, лани и со Хрватска потпишавме четиригодишен договор за студирање според правила што важат за хрватските државјани. Бидејќи овие договори се реципроцитетни, постои ли статистика колку студенти од Словенија и Хрватска дошле да студираат во Македонија?

– За жал немаме официјална статистика колку студенти од Словенија и Хрватска студираат во Македонија, бидејќи ниту универзитетите, МОН, Заводот за статистика не објавуваат такви податоци. Според податоците на УКИМ од претходни години, бројот на странски студенти е низок (неколку десетици). МОН доделува стипендии за странски државјани со македонско потекло од земјите од регионот, вклучувајќи ги Хрватска и Словенија, но нема евиденција колку студенти ја користат оваа можност.

Најголем број странски студенти има на Универзитетот „Гоце Делчев“ (околу 650), од кои најголемиот дел доаѓаат од Турција, но нема податоци дали меѓу нив има студенти од Хрватска и Словенија. Доколку ги има веројатно се дел од вкупниот број на странски студенти, а веројатно е мал бројот за да биде посебно издвоен. Време е да се запрашаме зошто бројката на наши студенти кои студираат во Словенија е над 3.500?

Студентскиот стандард не опфаќа само сместување и исхрана во текот на академската година. Каде се културните збиднувања, спортските активности, поттик за активното учество во граѓанскиот сектор … Колку од институциите зависи добриот студентски стандард, колку од самиот интерес на студентите, а колку од добрата (или нефункционалната) општествена организација генерално?

– Студентите се огледало на тоа каде ќе биде македонското општество по една генерација. Тие се иднината на државата, чувари и промотори на нашата култура, мостови на меѓународна соработка, но и човечки капитал за полесно привлекување на странски инвестиции, креирање иновации и општествениот развој. Во многу земји студентите имаат богати студентски клубови, спортски активности и културни настани, попусти за јавен превоз, културни институции, спортски центри. Тоа се должи на функционирање на триаголникот високо образование – држава – заедница, всушност на постоење на општествена одговорност, што значи создавање на рамнотежа и партнерство, каде што универзитетите образуваат и истражуваат, државата создава политики и поддршка, а заедницата ги користи резултатите. Во суштина, тоа е модел на општествена одговорност: сите три страни се должни да придонесат за одржлив развој. Во нашата земја тие врски се прекинати. Тоа е една од главните причина зошто младите избираат да студираат надвор од Македонија.

Краткорочно, кои се првите чекори што Македонија треба да ги направи за подобрување на студентскиот стандард во земјава?

– Нема „волшебно стапче“ со што веднаш ќе се надминат проблемите создавани со децении поради занемарување на високото образование и студентите, ниту може за кусо време да се подигне студентскиот стандард во Македонија. Проблемите не се само финансиски, туку системски. Но време за чекање нема, бидејќи од тоа зависи не само развојот, туку и опстанокот на нашата држава. За да се подобри студентскиот стандард, потребна е сеопфатна државна стратегија со поголеми инвестиции во студентските домови и мензи, зголемување на стипендиите, воведување на уреден систем за студентска работа, поволни студентски кредити и развој на современи студентски сервиси по европски модел. Затоа треба да се работи на:

• Стипендии

Стипендиите се клучен фактор за подобрување на студентскиот стандард. Сегашните државни стипендии се ниски и често не ги покриваат основните трошоци за живот на студентите (школарина, сместување, храна, книги, превоз). Критериумите за добивање стипендии се нејасни или политизирани и следени со многу скандали. Слабо е развиен системот на приватни стипендии и фондови од компании или фондации. Затоа мора да се зголемат стипендиите, дигитализација на процесот за добивање на стипендии за да ги добиваат оние кои ги заслужуваат, кампања за подигање на општествената одговорност меѓу приватниот сектор со одредени даночни ослободувања или други привилегии.

• Студенски сервиси за студентска работа

Со донесувањето на Законот за работно ангажирање на лица од годинава конечно системски се уредија можностите за работа со скратено работно време за студентите по примерот на останатите европски земји. Но неопходно да се формираат студентски сервиси на сите универзитети кои ќе бидат посредници за пристап до флексибилна работа за студенти, поврзувајќи ги со работодавци и преземајќи ја целата администрација: од објави и селекција на огласи, верификација на студентски статус, договор пред почеток на работа, фактурирање кон компанијата, пресметка и навремена исплата на надоместокот, уплата на даноци и придонеси. Паралелно да нудат и кариерна поддршка — од изработка на CV и обуки, до посредување за пракса што носат ЕКТС или водат до редовно вработување. Во недостиг на работна сила, особено за сезонска работа, овие сервиси ќе бидат и од голема полза за работодавците. Особено ќе бидат полезни за државата и универзитетите, бидејќи создаваат пазар на студентска работа со реални статистики (часови, плати, профили), што би помогнало во голема мера и за креирање политики, усогласување на студиските програми со потребите на пазарот и донесување на социјални мерки (поддршка за студенти-родители, лица со попреченост, социјално ранливи категории итн.). Во добро уредени системи, сервисите функционираат преку единствена дигитална платформа (е-најави, е-исплати, е-евиденции), со надзор од државата, лимити за злоупотреби и јасни тарифници и стапка на промена од пракса во вработување.

• Храна и студентски мензи

Иако постојат студентски мензи со субвенционирани оброци, многу пати слушаме критики за квалитетот и разновидноста на храната. Субвенциониран студентски оброк изнесува 140 денари на ден за купување приготвена храна од понеделник до сабота (не важи од 1 јули до 1 октомври и на празници). Средствата се префрлаат неделно (макс. 840 ден.) и се трошат исклучиво со наменска картичка на „Шпаркасе банка“ кај акредитирани даватели на оброк. Но инфлацијата прави цените на оброците да растат, а субвенциите не го следат реалниот животен стандард. Субвенцијата треба да се усогласува со инфлацијата на храната и трошоците на добавувачите за да се задржи ниската студентска доплата (како во Хрватска – каде што државата го коригира својот дел според растот на сцените). Отсекогаш опоменував дека не треба целосно да се преземаат туѓи искуства, мерки кои се неостварливи, туку да се адаптираат позитивните искуства според можностите и различниот менталитет на нашите граѓани. Најдобро е да са направи комбиниран модел. На пример: висока субвенција за мени-оброк со јасни правила и дигитална контрола како во Хрватска, словенечки ваучер-модел за широка покриеност и избор и универзитетска мрежа од кантини што се столб на кампус-животот како во Бугарија, држави во кои што бесплатно студираат голем број македонски студенти. Ваков модел ќе донесе квалитет и стабилност со мерлив резултат за студентите и одржливост за буџетот.

• Научна и наставна инфраструктура и подобри услови за студирање

Многу факултети се соочуваат со стари и нереновирани објекти, недостига модерна опрема за лаборатории, библиотеки и електронски ресурси. Постојано во медиумите студенските организации се бунат поради недоволната дигитализација на административните услуги и настава. Затоа мора да се зголемат капиталните инвестиции за да се надмине оваа состојба. Со подигање на општествената одговорност да се поттикнат и компаниите и фондациите преку донации да инвестираат во подобрување на условите за студирање, да разберат дека тие средства индиректно секако ќе им се вратат преку создадениот поквалитетен кадар, потребен за нивното работење и развој.

• Студентски домови

Познато е во каква состојба се најголем дел од студентските домови во нашата држава: застарена инфраструктура, хигиенски проблеми, недостаток на модерни содржини. Проблем е што и бројот на места е ограничен, па многу студенти мораат да изнајмуваат приватно сместување што е значително поскапо. Решението за студентските домови бара итна темелна реконструкција на објектите, стандардизирани хигиенски протоколи, модерни содржини (брз Wi-Fi, тивки читални, заеднички кујни, перални, спорт/фитнес и сл.), дигитален систем за пријава. Паралелно со тоа и проширување на капацитетите преку нови објекти, како и ваучери за кирија за студенти со ниски приходи додека не се изградат доволен број легла.

• Студентски живот

За жал немаме доволно инвестиции во студентски клубови, културни и спортски активности што се многу значајни за создавањето на идните академски граѓани. Студентски услуги (советување, психолошка поддршка, кариерен развој) се многу ограничен, всушност речиси не постојат. На пример за Денот на студентите во Бугарија, сите цени за посета на културните институции, спортските натпревари и угостителски услови се намалени за 50 отсто за сите студенти, а во некои европски земји овие услуги се бесплатни преку целата учебна година. Позитивно е што студентите во Македонија имаат бесплатен градски превоз, но други поволности немаат како нивните врсници во регионот и пошироко.

За да оживее студентскиот живот и културата на кампус, потребен е едноставен, но целосен пристап: универзитетот да формира мал фонд за студентски живот со микро-грантови за клубови, спорт и креативни настани, да обезбеди соодветни простории (читални, сала за спорт и сл.) и да отвори едношалтерски Центар за студентски услуги што нуди психолошко и академско советување, кариерни обуки и посредување за пракса. Може да се направи годишен културен календар (за филм, театарски претстави, концерти, изложби, работилници) и преку Министерството за култура да се склучуваат договори со театри, кина и музеи за симболична цена. По примерот на предметот CAS (Creativity, Activity, Service) – суштински дел од програмата за Меѓународна матура (IB), кој не е класичен предмет, туку задолжителна компонента за добивање на дипломата. Целта е да ги развие учениците надвор од академските рамки, поттикнувајќи ги да бидат покреативни (Creativity), физички поактивни (Activity) и социјално одговорни преку волонтирање, да се направи преку една едноставна апликација (календар, пријави, е-карта) и студентите кои учествуваат во овие активности да добиваат ЕКТС поени.

Младиот олимпиец и медалист Јан Стојановски лани одлучи да остане да студира во Македонија, паралелно теориска физика и теориска математика на ПМФ во Скопје. Да речеме дека младите го направија првиот чекор. Што да очекуваме сега од државата за да го задржи овој млад човек, и другите како него?

– Секоја година пред уписите за наредната академска учебна година слушаме безброј напади за УКИМ, што стана редовна пракса (само за УКИМ, како да нема други универзитети во нашата земја!?), за неговото место на универзитетските ранг листи во светот, но самиот податок дека многу студенти по дипломирањето на УКИМ, од кои дел го продолжуваат своето студирање на магистерски и докторски студии на универзитетите во Европа и САД, стануваат истакнати работници во својата струка, професори, признати научници, па дури и министри и пратеници во тие земји, покажува дека квалитетот на студиите и знаењето што го стекнуваат не е послабо од знаењето на нивните колеги во развиените земји. Универзитетите не можат сами да ги решат останатите проблеми што се наведени погоре во текстот.

Современа читална на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Особено е важно е да се задржат талентираните деца како Јан и многу други. Државата треба веднаш да понуди „мерки за задржување таленти“: полна стипендија која ќе изнесува минимум 60 – 80 отсто од просечна нето плата, загарантирано квалитетно сместување или ваучер за кирија, паралелно да се најде законско решение за платена асистентска или истражувачка позиција, пристап до научна инфраструктура, мини-грантови за опрема, книги, софтвер и финансирани летни школи, конференции и кратки престои на други реномирани универзитети, стипендии за магистерски и докторски студии, најважно – можност за трајно академско место. Така Јан и неговите врсници ќе останат во својата татковина, не од некаква сентименталност, туку заради светските услови што ќе ги имаат дома.

Сподели