Топла препорака филмот „Виктор“ да го погледнете на „МакеДокс“ на 22 август во 23 часот во Куршумли ан.
„Војната не е сè во животот. Воопшто. Војната е најверојатно возбудлива за едни, но сè е реалистично таму, не е романтично како што си мислиш.“ Ова е една од мислите водилки на документарецот „Виктор“ на францускиот режисер Оливие Сарбил, што ќе биде прикажан на претстојниот „МакеДокс“ на 22 август во 23 часот во Куршумли ан. Филмот е копродукција копродукција помеѓу Данска, Украина, Франција, САД, а продуцент е познатиот холивудски режисер Дарен Аронофски (Зентропа).
Преку приказната на Виктор Коротовски, млад висок корпулентен човек со мек поглед кој речиси целосно го изгубил слухот на свои пет години, преку емотивна интимна приказна, мајсторот на воените документарци, корсиканскиот ветеран Оливие Сарбил, ни ја доближува војната во Украина. Тоа може да биде која било војна.

Виктор е добродушен млад човек, живее со мајка му во Харков, има голема желба да биде војник, мечта што му ја пренел починатиот татко. Но, поради неговиот хендикеп, тој не може да стане дел од армијата.
Фотоапаратот е неговиот најдобар пријател. Тој ги уловува моментите, се обидува да ги продаде фотографиите. Кинематографијата на Сарбил е суптилна, секој кадар е приказна за себе. Го избрал црно-белиот израз и совршено одговара на светот на Виктор, кој работи токму црно-бела фотографија. Ги сака и црно-белите самурајски филмови, што ги гледа и со својата мајка.
Неговиот длабок глас ве онемува кога го слушате, a низ филмот ја гледаме душата на Виктор. Од татко му ја наследил желбата за војување и се одушевува на самураите. Катаната има посебно место во нивниот дом.
На многу убав начин е доловена глувоста низ звучни нијанси на губење и враќање на тонот. Голема улога во филмот има токму нашиот монтажер Атанас Георгиев, кој завршил одлична работа во филмот и постојано балансира меѓу грдите слики на војната и мекиот лик на Виктор.
Колку само се менува неговиот лик кога тој ќе стане дел од фоторепортерскиот тим на армијата, како дете на кое му се исполнила голема желба. Доминираат крупните планови, каде до израз доаѓа прекрасниот лик на Виктор, а посебно неговите очи. Тишината не е празнина, туку простор во кој тој го наоѓа својот мир.

Овој филм е доказ како може преку приказната на еден човек, без многу говор, без многу текст да се долови војната. Успехот на филмот веројатно се должи и на големото искуство на Сарбил, кој како воен фотограф го документирал и геноцидот во Руанда. Тој има снимано многу вооружени конфликти низ цел свет (Mosul, 2017, On the President’s Orders, 2018; Retrograde, 2022).
Ако се знае фактот дека токму Оливие делумно го изгубил слухот на десното уво при известување во Либија, нешто за што не зборувал отворено, токму преку ликот на Виктор како да избрал да ја раскаже својата приказна. Токму затоа ги гледаме и суптилноста, убавината, нежноста на овој филм во кој се провејуваат многу брутални теми.
Со „Виктор“ добиваме прилика да доживееме, да сетиме како луѓето што не слушаат ја доживуваат војната. Посебно е убава сцената со виолинистот што им свири на војниците свртен со грб кон камерата. Инструменталната музика на Disasterpeace одлично се вклопува и создава целосна атмосфера.
Трогателна е последната сцена во филмот кога Виктор разговара со повреден војник кој во битка го изгубил звукот. Тој му е утеха.
„Глувоста не е твојот крај, таа е само почеток. Сега треба да го откриеш светот без звук. Ќе треба повторно да го учиш звукот, можеби ќе се чувствуваш изолирано, ама ќе се чувствуваш многу понезависно од кога било. Ќе ја откриеш силата што никогаш не си знаел дека ја имаш“.
Топла препорака филмот „Виктор“ да го погледнете на „МакеДокс“ на 22 август во 23 часот во Куршумли ан.





