„The Hip“ на Јане Алтипармаков на „Скопје синема сити“

Филмот „The Hip“ на режисерот Јане Алтипармаков ќе биде прикажан на втората фестивалска ноќ на „Скопје синема сити“, вечерва во 19 часот во Кинотеката. Влезот е слободен. На овој наслов ќе му претходнат две кратки видеа на „Види вака“.

Станува збор за визуелен ремикс на музиката на кумановскиот алтернативен бенд The Hip. На друго ниво, пак, се работи за себеиспитување, самоанализа, себепронаоѓање, кулминација на сензациите, естетски омаж, уживање во уметноста, вели Алтипармаков кој освен со режија, се занимава и со критика и диџејство.

Алтипармаков е автор на неколку музички видеоспотови, краткометражни и документарни филмови. Дел е и од авторската екипа на омнибусот „Скопје Ремикс“, кој ја доби специјалната награда за иновативност на Фестивалот на балкански филм во Поградец, Албанија. Неговите авторски дела се прикажувани на повеќе фестивали кај нас и во светот.

Ќе следува „B-Movie: Lust and Sound in West Berlin“ за боемската и декадентна сцена во Западен Берлин.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата Милан Младеновиќ.

Сподели