Мастерклас со Џослин Пук – од уличен забавувач до соработка со Кјубрик и Скорсезе

Светот на филмот слушна повеќе за Џослин Пук и нејзината музика по „Очи ширум затворени“, последниот филм на Стенли Кјубрик

Секогаш инсистирам да ги видам снимените материјали од филмот за кој пишувам музика, рече Џослин Пук, англиската музичарка и композиторка на музика за филм, телевизија, современ танц која ја напиша музиката за „Очи ширум затворени“, последниот филм на маестралниот Стенли Кјубрик. Таа вчера одржа мастерклас во рамките на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Модератор на мастеркласот беше Грег Малканџи, дизајнер на звук од Англија кој веќе неколку години живее и работи во Скопје. Тој ги водеше присутните на разговорот низ разни фази од креативен развој на Пук како музичарка и композиторка. Светот на филмот слушна повеќе за Џослин Пук и нејзината музика по „Очи ширум затворени“. Новиот милениум ѝ донел нови предизвици и успеси: авторството на музиката на „Венецијанскиот трговец“ на Мајкл Редфорд и „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе.

Грег Малканџи и Џослин Пук

Биографијата на Џослин Пук содржи низа „егзотични“ делови од нејзината рана фаза во музиката. Таа на почетокот на мастеркласот посочи дека 80-тите години за неа биле можност за поинакво едукативно надградување, освен класичното академско образование. Нејзините почетоци се врзани и со уличното музицирање како баскер (уличен забавувач) со нејзиниот квартет. Познатиот музичар Пол Велер ја чул во една прилика и ја ангажирал. Пред кариерата како композиторка на филмска музика во 80-тите години Пук членувала во поп-бендови: листата, меѓу останатите ја сочинуваат ABC, Meat Loaf и The Communards, а била и сешн-музичар на проектите на ѕвездите Питер Габриел, Ник Кејв, Пол Макартни, Марк Нопфлер, Лори Андерсон, „Massive Attack“… Пејачката Тања Царовска е нејзина долгогодишна соработничка во разни проекти.

Пук во раната фаза на нејзината кариера компонирала музика за дузина театарски претстави на лондонските сцени. Посериозниот пробив со филмската музика во нејзината кариера се случил како сплет на среќни околности. Малканџи потсети дека Кјубрик посветувал огромно внимание на сите сегменти од филмската продукција, не само режијата, туку и камерата, звукот… На Пук ѝ било посочено дека проектот се реализира во најголема тајност, но на нејзино упорно инсистирање, сепак, успеала ги види снимените сцени за кои требало да компонира музика.

Малканџи потсети дека филмските режисери имаат различен пристап кон музиката во нивните дела. Квентин Тарантино, на пример, избирал песните како музичка илустрација уште пред да започне со снимањето на филмот.
– За разлика од таквиот пристап, композиторите на филмска музика креираат лајт-мотив за карактерите во приказната – вели Пук.

Тања Царовска ѝ се заблагодари на Пук за поддршката на почетокот на нејзината интернационална кариера и двете изразија надеж дека ќе одржат заеднички концерт под отворено небо. Пук зборуваше за разните креативни предизвици и искуства во различните проекти, од разни жанрови и стилови, во кои учествувала изминативе децении.

Сподели