Целосна поддршка на талентирани ученици и нивните ментори на меѓународните олимпијади исплати Министерството за образование и наука, иако првичните решенија беа половични. Научните здруженија што ги подготвуваат младите таленти и го организираат учеството на Македонија на светските натпревари во петокот добија исплата на останатите 50 отсто поддршка.
Здруженијата пред еден месец остро реагираа, а Умно.мк објави, што МОН реши да им исплати сто отсто котизација за учество (за научните олимпијади каде е потребно) и трошоци за авиобилети само за два ученика и еден ментор од олимпијада. Целосната поддршка беше очекувана откако годинава во април по брза постапка беа донесени измени и дополнувања на Законот за средно образование во кои конечно се обезбеди можност државата да може финансиски да ги поддржи талентираните ученици.
По реакцијата на научните здруженија МОН објасни дека е ова првична поддршка која допрва ќе се зголемува. По еден месец МОН ги коригира решенијата и целосно ја исплати поддршката за талентираните ученици.





