Смисли нов македонски збор и освој парична награда

До 1 септември е отворен конкурсот за „Зборотворба на годината“, иницијатива за освежување на македонскиот јазик преку зборообразување која носи и парични награди за најинвентивните.

Конкурсот е идеја на јазичната иницијатива „Зборци“, во спомен на Огнен Чемерски и во чест на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.

– Ова е настан посветен на создавање, славење и негување на новите зборови во македонскиот јазик и е резултат на идеја која долго време живеела во заедницата, пренесувана од една генерација на љубители на јазикот на следната – велат од „Зборци“.

Во декември 2013 година, четворица ентузијасти, Татјана Б. Ефтимоска, Румена Бужаровска, Oгнен Чемерски и Илина Јакимовска се собрале во скопска „Цреша“ и го формирале јадрото на замислената внатрешно-револуционерна јазична организација „Зборци“. Целта им била да вбризгаат свежина во употребата на македонскиот јазик и борба против замислените „грама-наци“ величини. Тие создале дури и Манифест со основните начела на организацијата и неколку предлог-активности меѓу кои и „Зборотворба на годината“. Деновиве иницијатива заживува, постхумно во чест на Огнен Чемерски.

Како да учествувате?

На ЛИНКОТ или во био на Инстаграм испратете:

– Збор што сте го смислиле;

– Дефиниција на зборот;

– Пример реченица во која е користен зборот.

Ќе бидат доделени три награди: Прво место – 100 евра, второ место – 50 евра, трето место – зборољубив пакет. Секој може да испраќа по повеќе зборови.

„Зборци“ бараат и поддршка, во форма на волонтерство и спонзорство. Секој заинтересиран волонтер треба да испрати име и презиме, телефонски број и накратко зошто сака да се приклучи на настанот, во порака или на е-пошта zborci.zborci@gmail.com. На истата пошта може да пишат и спонзорите.

Цел

Уште кога се собрале пред 12 години, „Зборци“, загрижени за свежината на јазикот, заклучиле дека се доволно храбри, инвентивни и вредни да создаваат нови зборови во духот на македонскиот јазик. Патем, тие се повикуваат и на речничкото начело на Комисијата за азбука и правопис од 1945, кое вели:

„Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно, да се усвојуваат и туѓи заемки.“

Според „Зборци“, ова начело одамна е заборавено, дијалектите се занемарени во збогатувањето на стандардниот зборовен фонд, нови зборови со живи наставки одвај се создаваат, наместо тоа се усвојуваме странцизми во македонскиот јазик.

– Цел ни е што е можно повеќе луѓе да практикуваат создавање на нови зборови. Ова е вежба и активност што секој еден од нас може лесно да ја прави. Важното е да почне да се размислува на тој начин и со тек на време зборообразувањето станува се полесно и полесно. Така и треба да го замислиме тој процес, како лесен и интересен – велат „Зборци“.

ДијалекТИ

Уште една цел е да се збогати и симболниот поредок на македонскиот јазик – збирот од сите работи, појави, чувства, состојби итн., кои симболично се претставени преку зборови.

– Ако се појавуваат нови работи, појави, чувства и состојби, логично е да ни требаат и нови симболики, односно зборови, преку кои ќе се направи место за новитетите во јазичниот фонд на нашиот јазик. Затоа што само со збогатен јазичен фонд, ќе бидеме опремени да се справиме со општествените предизвици на денешницата! – велат „Зборци“.

Пред неколку месеци тие сработиле видеопроект ДијалекТИ преку кој нудат нов начин на прифаќање на дијалектите.

– Овој проект има една искрена и важна цел – да го намали јазот меѓу дијалектите што ги зборуваме, но и да ни помогне подобро да ја разбереме, да ја почувствуваме и да ја прославиме вистинската шареноликост на нашиот мајчин јазик. Тој не е само средство за комуникација. Тој е жива материја, во која пулсираат нашите чувства, нашата историја и нашиот идентитет – велат „Зборци“.

(В.И.И.)

Сподели