Кампување, велосипедизам, летање со параглајдери на „Крушево низ корија“

Фестивалот на отворено „Крушево низ корија“ денеска и утре по седми пат ќе се одржи на неколку локации во највисокиот град во Македонија. Фестивалот ќе опфати: кампување на Мечкин камен, планински велосипедизам, планинарска тура низ крушевската корија и тандем летови со параглајдер. Фестивалот ќе биде одржан со почитување на сите мерки за заштита во пандемија. Го организира Форумот за авангардна креативност (ФАК) од Прилеп во соработка со Општина Крушево.

Ова се содржините на фестивалот:
Велосипедската тура ќе се вози утре на три патеки:
– Мала МТБ тура – со должина од 15 км. и елевација од околу 300 метри. Категоризирана е како лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност препорачлива за секој рекреативец.
– Средна МТБ тура – со должина од 30 км. и елевација од 700 метри. Категоризирана како средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност.
– Голема МТБ тура – со должина од 40 км. и елевација 1000 метри категоризирана како тешка тура.

Тандем летови со параглајдер ќе има утре од 10 до 19.30 часот.

Планинарската тура ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен-Крушево, во должина од 14 км. Класифицирана е како средно тешка тура која може да ја изоди секој од 7 до 77 години. Во 80 отсто од патеката планинарите ќе се движат низ крушевската корија која изобилува со сенка. Во текот на турата ќе се посетат двата манастира „Св. Василиј“ и „Св. Спас“ (каде што ќе има пункт со освежување). Турата завршува во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости.

Сподели