Кристијан Бергер: Светот се комерцијализира, „Браќа Манаки“ е посебно место за нашата страст

Фестивалот беше отворен со неколку филмски нумери што ги отпеја Каролина Гочева, во пијано придружба на Никола Мицевски

Не знам на што мислеле браќата Манаки во моментот кога почнале првпат да снимаат со својата камера и каква фасцинација имаа гледачите во тоа време. Но, тоа што ме тера сè уште да ја сакам својата професија до денес е моќта на сликите што се развиваат со текот на времето и нивното движење, рече австрискиот волшебник зад камерата, Кристијан Бергер кому синоќа му беше врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело, на отворањето на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Кристијан Бергер

– И претходно сум добил слична награда, но сега е малку потешка. Се изненадив за доделеното признание и ми беше пријатно да дојдам повторно во Македонија и да бидам дел од фестивалот. Би сакал да ја споделам мудроста што доаѓа со мојата возраст. Малку можам да го споредам „Браќа Манаки“ со другите фестивали, таму гледам сè поголема комерцијализација. Тоа никогаш не сум го искусил низ годините овде. Овој фестивал е посебно место за нашата страст, а тоа е филмот и не знам друго место кое би било на второ место по ова – рече Бергер.

Иако со скратена програма поради пандемијата, синоќа на црвениот тепих во Битола се појавија многу личности од светот на филмот, културата, политичари, дипломати. Фестивалот беше отворен со неколку филмски нумери што ги отпеја Каролина Гочева, во пијано придружба на Никола Мицевски. Пред присутните се обрати директорот на фестивалит, Симеон Мони Дамевски. Тој рече дека среќен што фестивалот се одржува и покрај многу неизвесности.

– Славејќи го филмот и неговите творци, сакаме да испратиме порака до сиот свет – овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри. Ко е најтешко, како во ова време-невреме, кога не бевме сигурни ни дали воопшто ќе имаме гости на фестивалот, решивме да доделиме две специјални камери 300 за особен придонес во филмската уметност. На двајца исклучителни уметници – рече Дамевски.

Специјалната „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност се: Андреј Кончаловски, рускиот волшебник на филмската магија и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика.

Џослин Пук

– Трогната сум што ја добивам оваа награда. За мене е голема чест. Мојот сопруг потекнува од Србија и навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоктриените бисери-богатства на Европа. Чест ми е што сум дел од овој фестивал. Им благодарам на граѓаните на Битола за топлото добредојде и за тоа што го негуваат наследството на браќата Манаки кое има исклучително значење – рече Пук.

Претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов Изи ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Северџан Бајрам. Тој рече дека во 71 година постоење на ДФРМ имале различни предизвици, издигнувања и падови, но никогаш не се соочиле со ситуација да не можат да излезат и да снимаат.
– Не само ние, туку и нашите колеги од Европа и најголем дел од светот. И во тоа време додека ние седиме дома и не можеме да снимаме и публиката е дома и има потреба од содржина. Да гледа на своите лаптопи, екрани, таблети, да гледа филм, серија, да гледа аудиовизуелни уметности. Филмска Европа, мудра како и секогаш, во едно вакво време ги зголеми буџетите за филм. Не само што не ги скрати, туку направи и финансиска контрибуција кон локалните, регионалните и националните филмски фондови. Искрено верувам дека освен во успесите кои ги делиме со нашите колеги од Европа, филмските копродукции и културната размена и во овој контекст ќе бидеме дел како што сме сите овие години од европското филмско семејство. И кога зборуваме за Европа и за филмот би спомнал дека нашето најсилно оружје според Бергман е лицето на актерот во крупен план, неговата експресија. Ако некој наш актер, во крупен план е познат за филмска Европа, тој е омилен лик во Франција, Италија, Шпанија, во Јужна Америка, на Балканот – тоа е Северџан Бајрам – рече Иванов.

Северџан Бајрам (лево) и Игор Иванов-Изи

Бајрам се заблагодари за признанието.
– Особено до моите колеги и колешки што ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности. Благодарност до Столе Попов кој ме откри и до Емир Кустурица, човекот кој ми ја додели најголемата животна улога и отскочната даска во кариерата – рече Бајрам.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателот Стево Пендаровски. Тој рече дека благодарение на фестивалот, нашата земја е присутна на светските филмски мапи и е посакувана дестинација за кинематограферите. На отворањето беше прикажан филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума, а по проекцијата целата екипа од филмот се поклони пред публиката.

Фото: Тоше Огњанов

Сподели