Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, Лексиконот на македонскиот фолклор… МОН поддржа осум научни установи за проекти од национален интерес

Осум јавни научни установи две години ќе работат на истражувања од висок стратешки и национален интерес за Македонија, со поддршка на Министерството за образование и наука од 23,7 милиони денари. Меѓу одобрените проекти се Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, истражувањата на Охридското езеро, Лексиконот на македонскиот фолклор, како и истражувањето на културното наследство на Албанците од Кумановскиот регион.

„Науката и истражувањата го даваат најдобриот одговор на предизвиците. Затоа, при креирањето на буџетот, одлучивме дека приоритет ни е стимулирање на домашна научна мисла, како влог во иднината на државата. Го поттикнуваме користењето на целокупниот национален потенцијал: интелектуален, технолошки и човечки за да обезбедиме напредок и конкурентност на државата“, нагласи Јаневска.

Освен финансирање проекти на јавни научни установи, Министерството, во рамки на Програмата за поддршка на научно – истражувачката дејност во Македонија за 2025 година, ќе финансира и пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот, во рамки на паметната специјализација на државата, со 30,4 милиони денари. Исто така, ќе се финансираат и иновативни проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите.

Буџетот за наука во 2025 година изнесува 680 милиони денари, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.

Сподели