Проф. д-р Анка Трајковска Петкоска од Технолошко-техничкиот факултет од Велес одржа предавање во Сеул

Проф. д-р Анка Трајковска Петкоска од Технолошко-техничкиот факултет од Велес при УКЛО учествуваше на Првата глобална конференција по повод 120-годишниот јубилеј од основањето на Универзитетот на Кореја во Сеул, Јужна Кореја. Академскиот собир е организиран за надворешни професори и академскиот кадар на Универзитетот, со цел размена на знаења, идеи и искуства, под мотото “We are the next“.

Во рамки на конференцијата, проф. Трајковска Петкоска ја претстави својата матична институција – УКЛО, како и нашата земја. Дополнително, таа одржа презентација на тема од нејзиниот потесен професионален интерес – одржливи трендови во пакувањето на прехранбените производи, при што беа презентирани и соодветни студии на случај во рамки на сесијата за искористување на био – отпад и одржлив развој.

Во резимето од учеството на глобалниот настан, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска заедно со раководството на УКЛО, го истакнуваат искреното верување дека ова присуство и воспоставените контакти може значајно да придонесат кон унапредување на мисијата на УКЛО – градење нови мостови на соработка со универзитети од целиот свет, како и иницирање заеднички проекти во духот на глобалните трендови и одржливиот развој.

Проф. Трајковска Петкоска е надворешен член на академскиот тим на Катедрата за наука и инженерство на материјали при Универзитетот на Кореја – еден од трите најпрестижни универзитети во Сеул, кои го сочинуваат елитниот универзитетски сојуз SKY (S = Seoul National University, K = Korea University, Y = Yonsei University).

Сподели