Легендарната неолитска фигурина „Голема Мајка“ од Тумба Маџари ќе оживее преку VR технологија. Археолошкиот музеј од Скопје со здружението за развој на игри „Галактик Омнивор“ од Скопје потпиша договор за реализација на проектот за виртуелна реконструкција на музејски предмети преку која посетителите на поинаков начин ќе можат да ѕирнат во неолитот. Проектен лидер и креативен советник на проектот е проф. Лазе Трипков.
– Посетителите наскоро ќе можат да го истражат овој симбол на неолитската култура преку интерактивно, имерзивно искуство во виртуелна реалност – прво од ваков вид во македонски музеј. Во проектот се вклучени археолози, дигитални дизајнери и програмери, и се базира на научно истражување, прецизно 3D скенирање и верификувана реконструкција. Врз основа на факти, не на фантазија – за да добиете најблиско можно доживување на минатото – велат од Археолошкиот музеј.

Според податоците објавени од Археолошкиот музеј, „Големата Мајка“ односно локалитетот Тумба Маџари припаѓа на Анзабегово-вршничката културна група II-III што го опфаќа периодот од 5.800 до 5.300 година пред новата ера.Во овој период неолитската култура во Македонија доживува најголем процут.
– Социјалните односи во заедниците, а особено во семејството се подредуваат на општите интереси за опстанок и благосостојба, во кои жената стекнала посебен општествен статус. Таа е моќна инспирација за неолитскиот вајар да го овековечи нејзиното тело и дух преку разни фигурини изработени од глина, камен и коска. Улогата на жената како родилка и мајка била поистоветувана со култот на плодноста, односно култот на т.н. Голема Мајка, божица, на што укажуваат керамичките претстави од двете македонски културни групи. Особена иконографија на овој култ наоѓаме во македонскиот неолит и по својата оригинална уметничка изведба и експресивност се издвојува од неолитот на соседните области – пишува м-р Елена Стојанова Канзурова, археолог, кустос-советник за неолит.





