На британскиот телевизиски Канал 5 в петок во 21 часот премиерно ќе биде прикажана емисијата „Тајниот живот на дрвјата“, раскажана од Мајкл Пејлин, еден од легендарните членови на дружината „Монти Пајтон“. Во една од трите епизоди ќе биде претставено и јавното уметничко дело на македонската уметница Елпида Хаџи-Василева – „Позлатениот брест“ во Престон Парк во Брајтон.
– Раскажана од Мајкл Пејлин, оваа фасцинантна серија ги следи неверојатните животи на дрвјата, од нивниот почеток како мали семиња преку величествени џинови до нивната старост, откривајќи ги тајните како комуницираат, како пијат, па дури и како некои од трите трилиони дрвја на нашата планета се стари колку и пирамидите – се вели во најавата.
Пред три години нашата уметница Xаџи-Василева иницира фонд за донација која ќе помогне да се сочува еден од најстарите англиски брестови во светот. Целта беше да го спаси од заборав еден од „Близнаците“ (Twins) во Престон парк во Брајтон – долгорочен, комплексен проект за заштита на дрвото, вид кој се соочува со истребување.
Поради болест, „близнакот“ стар 450 години морал да биде преместен во „Тајната градина“ во Кемптаун (дел од Брајтон) каде екипа работеше на него. Целта беше да го заштитат и повторно да го вратат во Престон парк. Многу од старите брестови во Англија веќе се истребени. Брајтон и Хоув се места со најголем диверзитет на брест и играат клучна улога во сочувувањето на овој вид во Европа. Проектот го поддржаа градските совети на Брајтон и Хоув, повеќе фондации, индивидуалци и бизнисмени. Целта на проектот е да ја зголеми свесноста за болеста што ги напаѓа брестовите и вегетацијата.
Хаџи-Василева долго време живее и работи во Англија. Дипломирала на Уметничката школа во Глазгов, а магистрирала на Кралскиот колеџ во Лондон.
(В.И.И.)





