На концертот синоќа светска премиера имаше и композицијата Victims of greed од композиторот и диригентот на вечерта, Владимир Николов кој со ноншалантен перфекционизам го водеше оркестарот низ програмата
Македонската публика долго ќе го памети синоќешниот концерт на Националниот џез оркестар предводен од диригентот Владимир Николов со специјалниот гостин, американскиот саксофонист Дони МекКаслин. Најавуван како еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, МекКаслин ја поздрави публиката на македонски со симпатичното: „Здраво на сите“.
Тој изведен неколку дела од американската композиторка Марија Шнајдер.
– Неизмерно сум ù благодарен. Таа ме запозна со Дејвид Боуви – средба што ми го смени животот. Во нивна чест ќе ја изведеме нејзината Dance You Мonster to My Soft Song што му беше омилено дело на Боуви од Марија Шнајдер. Композицијата е инспирирана од уметничко дело на Паул Кле – рече МекКаслин.
Од средбата со Боуви, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот.
На концертот синоќа светска премиера имаше и композицијата Victims of greed од композиторот и диригентот на вечерта, Владимир Николов.
– Ова дело е инспирирано од трагедијата што се случи лани во Нови Сад. На тоа се надоврзаа и многу други настани … Ова дело го изведуваме по личен избор на Дони МекКаслин – рече Николов кој со ноншалантен перфекционизам го водеше оркестарот низ програмата.
Националниот џез оркестар синоќа покажа дека имаме Биг бенд со врвни, светски квалитети. Тоа не беше само впечаток на публиката, туку отворено го искажа Дони МекКаслин, а претходно го потврдиле и Зиги Фајгл, Курт Елинг и многу други докажани светски џез-музичари.
Со оркестарот синоќа солистички настапија и Кори Виклокс на тромбон, Славко Ѓоргиев на тенор саксофон, Гордан Спасовски на пијано, Виктор Филиповски на тапани. Сите беа наградени со аплауз. Настапија и младите трубачи од Србија, Аљоша Закиќ и Лазар Шаренац. Одлична е можноста што НЏО им ја дава на младите трубачи да настапат со џез-музчари од овој калибар.
Концертот кулминираше со авторското дело на МекКаслин, Stadium jazz, во кој солистички и во дует со МекКаслин настапи саксофонистот Кирил Кузманов. Музичкиот дијалог меѓу двајцата фантастични музичари ја одушеви публиката, дури од публиката одекнуваше и „Браво“!
Концертот заврши со бис на кој беше изведена композиција која МекКаслин ја посветил на бендот Tower of Power, американска R’N’B и фанк група од 60-те и 70-те години од Калифорнија, чија музика тој ја слушал како средношколец.
Ова беше втора посета на МекКаслин на Македонија. Првпат ја посетил земјава кој крајот на 80-те. Апсолутно нема причина да чекаме толку долго за да ја слушнеме неговата музика во живо и по третпат. А за Националниот џез оркестар – „само“: Браво!





