Австриска вечер со Гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук ќе се одржи вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамките на Охридско лето. Ќе настапат виолинистите Сузан Мерт-Томази и Андреј Јаблоков, Елеонора де Пои, на виола, Леонардо Сесена, на виолончело и Драган Трајковски – контрабас. На програмата се дела од Фридрих Гулда, Љупчо Трајковски – Фис и од Антонин Дворжак.
Сузане Мерт-Томази е член на оркестарот од 1998 година и често ја остварува функцијата на трет концерт-мајстор на оркестарот и членува во Тиролскиот ансамбл за нова музика. Нејзиниот колега од групата втори виолини Андреј Јаблоков од Братислава е член на оркестарот од 2012 година. Покрај нив, движечка сила на квинтетот е Драган Трајковски, контрабасист со потекло од Македонија кој е водач на групата контрабаси на ТСОИ повеќе од 15 години, како и двајца нови членови на ТСОИ-водачот на групата виоли Елеонора де Пои и соло виолончелистот Леонардо Сесена. Де Пои има настапувано како оркестарски музичар во театрите во Фиренца, во „Ла Фениче“, како и во оркестарот на Националната академија „Санта Чечилија“, додека пак Сесена бил член на оркестарот на Миланската „Ла Скала“, како и заменик-водач на групата виолончела на Лондонската филхармонија.





