Од Инсбрук до Љубљана за 40 часа – осуммина тркачи од Македонија прв пат учествуваа на тимската трка Eurotrip

15 страствени вљубеници во авантуризмот и трчањето, членови на 091 Run Crw, од кои осуммина тркачи, тројца велосипедисти од земјава неодамна беа дел од европското движење Eurotrip – тимска трка чија идеја е преку трчањето да се овозможи поврзување на културите, тркачите и државите. Какво искуство им беше трчањето 450 км од Инсбрук, Австрија до Љубљана, Словенија, ни раскажаа Фросина Цонева и Ели Стојковска, и двете од Скопје. По просечна возраст на учесниците, македонскиот тим од 36 од цела Европа бил меѓу повозрасните.

– Секоја година должината се трча по различни патеки, при што секоја наредна трка започнува таму каде што завршила претходната. Првата година започнала во Бриж, Белгија, следната во Келн, Германија, па од Стразбур, Франција, за оваа година да започне во Инсбрук. Оваа година делница за трчање беше 450 км временско ограничување од 40 часа, со три контролни точки на секој 100-ти км, искачување од 2600м и спуштање од 2900м – ни објаснува Стојковска.

Самата рута си ја избира секој тим поединечно, зависно од стратегијата што сам си ја составува.

– Нашата стратегија беше следна – се поделивме во две групи од по четворица тркачи, секоја група требаше да истрча 40 км до време на измена, со штафетно трчање и измени на 2 км. Додека едниот тим трча, вториот одмора и обратно. Паузата за одмор не беше подолга од три и пол часа. Трката започна во петок 23:00 и нашиот тим заврши во 9:35 во недела, вели Стојковска.

Како дел од глобалната тркачка заедница, ги следеле останатите екипи кои биле дел од трката, како и препораките од учесници во претходни изданија, кои ја опишале како нешто што вистински го менува начинот на кој се доживува трчањето, раскажува Ели.

– Одлуката произлезе од желбата за уникатно искуство што комбинира авантура, патување и интеркултурна размена. Нѐ привлече и самата концепција на трката – да се помине долга рута низ различни градови и држави, потпирајќи се на креативност и тимска работа. Тоа ни звучеше како предизвик кој не само што ќе нѐ извади од комфорната зона, туку и ќе ни овозможи да запознаеме инспиративни луѓе и да создадаме незаборавни спомени. Оттаму, од идеја – се претвори во конкретна одлука и огромна мотивација да бидеме дел од Eurotrip – вели Стојковска.

На ова несекојдневно доживување учествувале 36 тима од цела Европа. Ова е прв пат тим од Македонија да учествува на ваков вид трка. Бројката од осуммина натпреварувачи била задолжителна, а од нив, најмалку две да бидат девојки.

– Тројца беа задолжени безбедно да стигнеме на целта со двете комбиња и кампер, а еден член беше задолжен после секоја измена да имаме топла супа, тазе оброк и сѐ она што ни беше потребно во тие 3,30 саати за одмор и освежување – вели Цонева.

Мисијата ја постигнаа и на тоа се посебно горди.

– Се спремавме цели 6 месеци, посветени тренинзи, програми, дополнителни активности за сила и искрено бевме исплашени, бидејќи требаше да трчаме на терен кој е релативно планински (покрај Алпите, Доломитите) голем дел од нас се градски тркачи, затоа и главен фокус ни беа тренинзите на Водно и „Св. Пантелејмон“. Да истрчаш 450 км за 40 часа беше предизвик сам по себе. Стратегијата на измени која ја имавме, времето за одмор помеѓу измените и рокадата на групи, освен недостатокот на сон, на сите други полиња се покажавме исклучително спремни. Држевме одличен ритам, пределите, воздухот и мирисот на природата која те опкружува, направи целиот процес да го совладаме со леснотија. Секој тркач беше придружуван од велосипедист кој беше тука како ветер во грб, клучни беа ноќните трчање кога си сам во планински предел со звуци на дивеч во позадина – раскажува таа.

Тимскиот дух, поддршката и истата желба покажале дека тоа го можат.

-На финиш-линијата бевме пресреќни, бидејќи во последните 6 месеци поминавме низ многу фази почнувајќи од: нема да најдеме спонзори да го реализираме проектов, да се заврши со временскиот лимит со просечно темпо кое ни изгледаше недостижен, со оглед на вкупната висинска разлика од 2600м, до финишот кога си рековме: ние сме ѕверови, браво за сите! Огромна благодарност до сите спонзори кои веруваа во нас и нѐ поддржаа во оваа авантура – вели Цонева.

Трчањето во група е интересно хоби и предизвикува посебни чувства кај луѓето, посебно на возраста на која сте. Колку е важно да не заборавиме да правиме работи за себе и во години кога имаме деца и сл?

-Мислам дека е од суштинска важност да не заборавиме на себе, особено во годините кога сме најмногу посветени на семејството, работата и секојдневните обврски. Трчањето ни стана нешто многу повеќе од физичка активност — тоа е време кога се поврзуваме со себе си, кога си даваме простор да дишеме, да се движиме, да се ослободиме од стресот. Кога трчаме во група, чувствуваме припадност и поддршка. Тоа нѐ потсетува дека не сме сами во предизвиците и дека секогаш постои начин да се направи нешто за себе. Напротив, кога сме задоволни и исполнети, сме и подобри родители, партнери и колеги. Животот не треба да стане пауза од нашите соништа и интереси – напротив, тие се горивото што нè движи напред – вели Ели.

Ние сме група каде поголем дел од членовите се над 40 години, со милион дневни обврски на кои трчањето им е хоби. Време за трчање наоѓаме помеѓу паузи, наутро додека сите спијат, и она што е клучно во целиот процес е само добра организација на денот и сѐ е полесно – споделува Фросина.

Чивијата е влезена, а сега следуваат подготовките за Eurotrip 2026 од Љубљана до Задар, а до тогаш – тренинзи.

Фотографии> @_rd_photography_oo

Сподели