Десет уметници творат на 39. Осоговска колонија

Во Осоговскиот манастир кај Крива Паланка почна 39. издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, мост меѓу културите, креативноста и уметничкиот израз.

На колонијата учествуваат истакнати ликовни уметници од Македонија и од Европа. До 1 јули на уметничкиот собир ќе творат Агнешка Казала од Полска, Теодор Бузу од Молдавија, Милош Декиќ од Србија/Словенија и Снежана Пешиќ-Рангиќ од Србија и македонските уметници Стефан Хаџи Николов, Мариела Аџигогова, Ивана Настески, Лазо Ѓорѓиевски, Дејан Иванов-Маргуш и Стефан Младеновски.

Уметниците ќе создаваат нови дела инспирирани од природната убавина, културното наследство и духот на манастирскиот комплекс. Финалната изложба на дела ќе биде отворена за јавноста, а љубителите на уметноста ќе имаат ретка можност да се сретнат со авторите и да ја почувствуваат енергијата на креативното творештво одблиску.

Од минатата година Градскиот музеј од Крива Паланка традиционално го претставува творештвото на по еден уметник-учесник на Осоговската колонија. Годинава, избор се делата на ликовниот творец Дејан Иванов-Маргуш, кој ќе се претстави со изложбата „Пејзаж“ во сабота (28 јуни) во 20.30 часот, во уметничката галерија на Музејот.

Сподели