Имам пеперутки во стомак, вели битолчанката Маја Трипуноска, која трета година ќе учествува на трката, која годинава е и Балканско првенство во полумаратон
Околу илјада вљубеници во трчањето утрово ќе си ги пробаат силите со самите себе и со другите на третата трка „Трчај бе“ во Битола. Едни тргаат со намера да срушат свој личен рекорд или рекорд на трката, за други, ова е денот во годината кога го гледаат својот град во поинакво издание. Имам пеперутки во стомак, вели битолчанката Маја Трипуноска, која трета година ќе учествува на трката, која годинава е и Балканско првенство во полумаратон.

Маја Трипуноска со своето бебе
За 35-годишната Маја, нејзините мали деца Лара (2 години) и Исак (3 месеци) не се пречка за денес да излезе и да трча на „Трчај бе“. Таа е пријавена на 10 километри. Вели: „Ќе станам утрото, ќе видам како ќе бидат условите, ако можам ќе ги земам двете со мене, ако не, едното. Но, ќе трчам сигурно!“
Маја ја има навиката за трчање од мајка си, која трчала на трките за 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола. Уште од мали нозе трчала со неа кога таа се подготвувала за штафети или трки.

– Трчам од основно, веќе во средно школо посериозно. Студирав во Бугарија и таму трчав. Пет пати имам трчано на штафета на „Виз ер“ маратоните со тимот од работа (А1 оператор). Јас сум целиот живот активна со спортот – ракомет, планински велосипедизам. Исто така имам неколку медали за тимот на „А1“ на Mavrovo Maximum Adventure. Многу сакам да планинарам. Татко ми често велеше дека немало нешто што не сум пробала. Може да се каже дека сум зависник од адреналин – се смее Маја.
Таа признава дека периодов не е во многу добра кондиција, со оглед на тоа дека има мало бебе, но тоа не ја ограничува да даде сè од себе и да истрча 5 или 10 км.

– Многу ми се допаѓа самата енергија на настанот, дружењето. Интересно е како една ваква манифестација измотивира млади луѓе да почнат да трчаат, макар рекреативно. А и мене ми се случува да измотивирам мои блиски пријатели. Чувството е многу убаво – вели Маја.

Првата година туркала колична со тогаш тримесечното бебе, наредната година отишла на 5 км исто така со своето дете.
– Желбата да учествувам ми е голема. Вакви настани сме чекале некој да организира во градот. Јас живеам под едно мото – „Мачи го телото, да не те мачи тоа тебе“ и секогаш после која било активност се чувствувам исполнета и среќна – вели Трипуноска.







