„Графити фест“ ја менува урбаната култура на Куманово

Од утре до сабота ќе се одржи 7. издание на „Графити фест“. На годинашниот уметнички собир ќе учествуваат 14 артисти од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Германија и од Италија

Куманово оваа недела ќе се претвори во ателје под отворено небо. Од утре до сабота ќе се одржи 7. издание на „Графити фест“. На годинашниот уметнички собир ќе учествуваат 14 артисти од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Германија и од Италија, на возраст од 18 до 40 и повеќе години. Фестивалот го организира Здружението „Форма Куманово“.

– Куманово деновиве ќе биде епицентарот на цртање графити и мурали во Македонија. Веќе седма година по ред го организираме фестивалот, единствен во нашата држава. Ова издание ќе трае четири дена. Првите три дена артистите ќе цртаат мурали, а последниот ден графити. Локацијата е гимназијата „Гоце Делчев“. Целото училиште буквално ќе биде трансформирано во мурали и графити! – најавува ликовниот уметник Дејвид Стоилковски од Здружението „Форма Куманово“.

Здружението е составено од четири члена и волонтери кои го организираат фестивалот со помош на фирми и спонзори. Годинава програмата ќе биде разновидна и богата. Последниот ден (10 мај) ќе има многу забава за најмладите, но и за повозрасната публика – различни штандови, музика со македонски ди-џеи.

– Интересот за „Графити фест“ е одличен. Секоја година добиваме сè повеќе барања за учество на фестивалот и се обидуваме да ги испочитуваме сите. Сепак, предност им даваме на артистите кои се најактивни во последните години и во годината кога се случува фестивалот. Од 14 артисти годинава, неколкумина се задолжени за сликање мурали, а другите за графити – вели Стоилковски.

На прашањето кој има повеќе страст за графити, самоуки уметници (стрит-автори) или академски образовани автори, Стоилковски вели дека досегашното искуство покажува повеќе страст кај првите.

– Графитите се некој вид бунтовничко делување во општеството и ги поврзуваме со самоуките стрит-автори. Сè почесто има такви самоуки артисти кои продолжуваат на академија и прераснуваат во уметници. Графитите се некој вид отскочна штица и запознавање со уметничкиот свет понатаму. Не мора да значи дека сите остануваат само во правецот на графитите – објаснува тој.

„Графити фест“ годинава нема поддршка ниту од општината, ниту од Министерството за култура и туризам.

– Немаме поддршка од Општина Куманово. Секогаш кога ќе направиме нешто, општината се фали дека е нивен фестивалот и дека тие учествуваат во организацијата. Решивме да се дистанцираме од нив. Наместо да поддржуваат млади луѓе кои работат нешто убаво и корисно за градот, опстојуваат веќе седма година, да ја истакнат единственоста на ваквиот фестивал во Македонија, тие немаат никаков слух за она што го работиме. Од Министерството за култура и туризам имавме поддршка на почетокот, во првите години, но и од таму веќе не сме поддржани – објаснува Стоилковски.

Затоа решиле да делуваат самостојно. Буџетот им е од поддржувачи, спонзори, фирми кои се одзиваат на нивните барања за парична помош.

– Така собираме средства за финансирање на спрејови, сместување, патни трошоци, храна и слично. Политиката на нашето здружение е дека не исплаќаме хонорари никому, затоа што сами собираме средства и не можеме да обезбедиме сè. Така и артистите имаат слух, веројатно го препознаваат нашиот ентузијазам и секогаш со задоволство прифаќаат да бидат дел од фестивалот – вели Стоилковски.

Ако во минатото графити-артистите најчесто работеа ноќе и најголем „непријател“ им беше полицијата, денес нештата се многу поразлични.

– Кога спроведуваме проекти на јавна површина или улица, местата мора да бидат обезбедени од полицијата и сега секогаш наидуваме на поддршка од нивна страна. Сепак, за некој кој продолжува со графитите да ги прави преку ноќ, останува тој адреналин на цртање и внимавање да не се појави полицијата – раскажува Стоилковски.

По шест изминати изданија „Графити фест“ остави силен печат на урбаната култура во Куманово. Според Стоилковски, фестивалот дал нов правец на културните случувања во градот.

– Поттикнавме и други здруженија да се трудат да организираат нешто ново и потребно за Куманово. Па се случија изложба на винили од здружението „КуРекордс“, изложба на „автичиња“ (мали метални автомобилчиња н.з.) од здружението „АвтичикиБре“, рок-фест, техно-фест и слични. Ние некако бевме предвесник на еден правец на нови случувања во последните десет години во нашиот град – вели Стоилковски.

Фото: Здружение „Форма Куманово“

Сподели