Гостивар има околу 150 археолошки локалитети и ниту еден музеј

Група ентузијасти од Гостивар веќе подолго време аргументираат зошто овој град треба да добие музеј

Гостивар, град со 35.000 жители, околу 150 евидентирани археолошки локалитети, повеќе невработени археолози, историчари и историчари на уметност и ниту еден музеј во градот. Група ентузијасти од овие професии веќе подолго време аргументираат зошто Гостивар мора да добие музеј. Велат, не се потребни само постојани музејски поставки. Во градот реткост се и изложби. Пред 11 години е отворен Конзерваторски центар чија дејност е заштита на културното наследство. Со тоа Гостивар стана единствен град во Македонија каде има институција надлежна за конзервација, но нема музеј во кој би се чувал и презентирал сиот тој материјал.

Даниел Ѓорѓевски

Археологот Даниел Ѓорѓевски дипломирал на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на 6 научни трудови публикувани во списанија специјализирани за историја и археологија, објавил 16 колумни поврзани со проблеми околу културата. Активно учествувал на педесетина археолошки ископувања, во 13 од нив бил дел од стручниот тим. Ерсин Дико дипломирал на Универзитетот „Мармара“, магистрирал на Универзитетот„Фатих Султан Мемет, а сега е на докторски студии на Универзитетот во Истанбул. Публикувал еден научен труд и 5 колумни. Бил активен во 15 проекти, а во 7 од нив бил стручен соработник. Тие ги објаснуваат состојбите во Гостивар и нивните заложби да се отвори музеј во градот.

Ѓорѓевски вели дека образовниот систем речиси и да не ги опфаќа проблемите поврзани со културата, културното наследство, било да е материјално или нематеријално, па луѓето не чуствуваат потреба за простор во кој ќе биде изложено и презентирано нивното минато. На второ место е политиката и лошата кординираност, стимулирани од класичниот клиентелизам.

Панорама на Гостивар од село Чајле

Ниту еден политички субјект не размислил да изнајде и спроведе решение токму за овој проблем. Гостивар има 35.000 жители, претставници на различни култури, етноси, традиции, религии, кои ја сочинуваат разноликоста на Гостивар. За жал, изземени од образовниот систем, злоупотребени од политичкиот апарат наместо да се поврзуваат преку именуваните културни елементи, тие сѐ повеќе се разминуваат – вели Ѓорѓевски.

Откриени во Гостивар, изложени во Скопје

Покрај него, во Гостивар има невработени: магистер по заштита и менаџмент на културното наследство и историчар на уметност, етнолог, неколку историчари. Сепак, тие активно ги истражуваат и публикуват културните добра на гостиварскиот регион. Ѓорѓевски вели дека сите се компетентни да одговорат веднаш на задачата ако се отвори институција.

Според Ерсин Дико, иако Ѓорѓевски неколку пати се обидел да го сврти вниманието на јавноста кон ова прашање, ниту еднаш не наишол на политичка волја и институционална поддршка.

Ерсин Дико

– Гостивар е во нагла градежна експанзија и модернизација. И таков град нема простор за културна рекреација и едукација која ја нуди музејот! Има повеќе постоечки згради кои со мали просторни модификации можат да одговорат на потребите. Една од нив е старата зграда на СИЗО, но градежната експанзија може да овозможи и нов објект кој би бил според сите музејски стандарди – објаснува Дико.

Ѓорѓевски вели дека загрижува фактот што во општината нема вработено ниту еден стручњак од областа на материјалното и нематеријалното културно наследство (археолог, историчар на уметност, историчар, етнолог) кои би спровеле каква било кампања поврзана со овој проблем.

– Друг момент е што општината, кога станува збор за културата, е насочена кон современите трендови и не придава никаков фокус на материјалното и нематеријално културно наследство. Не, ниту една општинска управа до сега немала слух за овие проблеми – дециден е Ѓорѓевски.

Според Археолошката карта на Македонија во Гостивар има повеќе од 150 евидентирани археолошки локалитети. Теренските истражувања на Ѓорѓевски покажале дека се повеќе од 200.

До пред 20-тина години постарите колеги археолози развивале теза дека во Гостивар и гостиварско животот започнува некаде во енеолитот или бронзената доба. Денес со сигурност можеме да потврдиме дека имаме археолошки локалитети датирани најдоцна во средниот неолит, а ако се истражува ќе се утврдат и локалитети од пораните фази. Еден од нив е локалитетот Тумба Пандилова во селото Зубовце. На овој локалитет при орање се откриени фрагменти од т.н. модели на куќи познати како Големата Мајка слични на Пелагониските – објаснува археологот.

Ѕвезда Кале кај село Ѓоновица

Според Ѓорѓевски, на локалитетот Стражарник во село Дебреше се откриени погребни урни со кремирани покојници од доцната бронзена доба. Животот е многу поактивен во следните хронолошки фази. На самите падини на планината Добра Вода во село Железна Река на околу 1.400 метри надморска височина се наоѓа локалитетот Ветерник каде се регистрирани контури од погребен тумул кој најверојатно потекнува од железното доба. На локалитетот Градиште во село Горна Бањица биле откриени наоди од раната антика, додека за доцната антика и средниот век дознаваме од локалитетите Градиште кај село Чајле, Кале кај Равен, Ѕвезда Кале кај Ѓоновица кои може да бидат развиени и адаптирани во археолошки паркови. Средниот век го обележува локалитетот Марена во село Балиндол.

– Но, ова се само познати податоци и факти. Замислете да има институција со компетентен кадар, што сѐ би можело да се реализира! Во моментов загрижува што сите артефакти се наоѓаат во други музеи, главно Археолошкиот музеј во Скопје, Музејот при Филозофскиот факултет, како и Музејот на тетовски крај. Тоа лично мене како археолог ме лимитира во истражувачката дејност, но и фрустрира како активен истражувач-археолог кој спровел бројни самостојни инцијативи за афирмација на културното наследство без никаков фидбек од која било институција – вели Ѓорѓевски.

Апел до идните власти

Во Гостивар со децении работи Дом на културата АСНОМ. На прашањето колку оваа институција може да ги задоволи потребите на граѓаните за организирање изложби, Дико одговара:

Во Домот на културата единствено што е познато во јавноста се театарските престави организирани од самостојниот театар Дунек“ и изложби на уметнички дела од страна на ликовното здружение Драудакум. До сега ниту една изложба со тема поврзана околу културното наследство тука не е одржана – вели тој.

Ветерник

Во Гостивар пред 11 години беше отворен Конзерваторски центар. Целта на новата институција беше да се растоварат одговорностите на Националниот конзерваторски центар. Доко објаснува дека надлежноста на оваа инстуција е превенцијата и заштитата на културните добра во рамките на општина Гостивар.

– Нивните ингеренции тука запираат. Во минатите години беа организирани археолошки ископувања на неколку локации во гостиварско, сите откриени движни наоди денес се Археолошкиот музеј во Скопје. Ова е уште еден доказ дека на културно-историски развиена средина како гостиварската ѝ недостига институција во која ќе бидат чувани, третирани и презентирани движните археолошки добра – дециден е Дико.

Во пресрет на локалните избори, двајцата апелираат новата локална власт да изнајде механизми и да ја стимулира свеста кај граѓаните за културното наследство во градот. Да организираат предавања, кампањи во кои ќе бидат презентирани културните добра на Гостивар.

– Само така ќе се зголеми потребата кај локалното население за самоспознавање преку културата, а со тоа ќе се зголеми и потребата за институција која се бави токму со овие проблеми. Во современиот свет ја нарекуваат Музеј, кај нас за жал ова е непознат термин.

Музејот покрај едукативните и информативни содржини, дополнително го стимулира и туризмот, со тоа и развојот на општината. Па доколку локалните власти немаат интерес за културните, веројатно би имале и за економските бенефити од музејот – велат тие.

Насловна фотографија: Wikipedia

Сподели