На малата сцена во МНТ актерите донираа крв

Малата сцена во Македонскиот народен театар завчера беше претворена во трансфузиолошки центар. Крв донираа актерите Владо Јовановски, Сашко Коцев, Софија Нацевска-Трифуновска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорот на МНТ Никола Кимовски, директорот на Државен санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов и други. Крводарителската акција ја организираше Институтот за трансфузиона медицина на Македонија. Оттаму неколку пати апелираа дека Македонија располага со доволни количини на безбедна крв и крвни компоненти од сите крвни групи. Соопштението првично беше објавено на 16 март кога се случи трагичната несреќа во Кочани.

– Ги замолуваме граѓаните, порталите и медиумите да не објавуваат невистинити информации кои поради сензитивноста на состојбата прават нарушување на годишниот интегрален план за крводарување. Благодарение на континуираната поддршка од хуманите крводарители, нашата институција успешно ги задоволува барањата за сите пациенти вклучувајќи и потреба од крвни продукти за настраданите – соопштија од Институтот.

Фото: Институт за трансфузиона медицина

Сподели