Клуч на Прилепскиот театар на неопределено зашто нема елементарни норми и стадарди за безбедно работење

Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп нема да работи на неопределено време, одлучено е по извршениот формален инспекциски надзор при што се констатирани серија фактички недоследности и отстапки од официјално пропишаните елементарни норми и стадарди за безбедно и непречено функционирање на една јавна институција. Овој надзор е направен согласно препораката на Министерството за култура и туризам, а на официјално барање од Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Решението до театарот се уште не е стигнато писмено, велат од театарот. Се забранува користење на објектот за масовни приредби.

-Тоа значи дека Народниот театар „Војдан Черондрински“ – Прилеп на неопределено време се става надвор од употреба за секаков вид на официјални театарски поставки, настани и случувања кои подразбираат масовно присуство на публика во организација на самиот театар. Тоа подразбира дека сите премиери, театарски постави и други слични настани од масовен карактер се одложуваат на неодредено време. Прилепскиот театар, во очекување на официјалната формална писмена забрана за јавни настани од масовен карактер на публика, ја известува јавноста дека тековните активности за подготовки на претстојни премиери, како и актуелните проби на актерскиот ансамбл, остануваат во редовно дејство и ангажман – известуваат од театарот.

Театарот и Центарот за култура својата смисла на постоење ја гледаат и доживуваат само во нормална и непречена интеракција со публиката. Поради тоа, театарот и центарот за култура се држат до оптималните услови за сечија целокупна безбедност, одговорност и непречено доживување и искуство на културно-уметничките содржини.

Токму годинава Прилепскиот театар одбележува 75 години постоење. Објектот е дотраен, во незавидна состојба, а крикот на театарските работници и на публиката никако да биде слушнат и да се изгради нов театар.

Сподели