Слободанка Чичевска, актерка на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес е добитничка на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2025 година. Признанието ќе и’ биде врачено во рамките на програмата на 4. Теaтарски фестивал „5 РЕ“, кој што почнув утревечер, на Светскиот ден на театарот, 27 Март.
За наградата одлучи жирито во состав: Александар Ѓорѓиев, пензиониран актер, како и Зорица Панчиќ и Тони Михајловски.
Слободанка ја имала таа можност во најраната младост да одигра многу улоги заедно со доајенот на македонското глумиште Петре Прличко на сцената на стариот велешки театар, кој што неодамна е целосно срушен.
Таа во велешкиот театар настапува уште како ученик во основно училиште, од учебната 1978/79 година, а е вработени како актер во 1986 година, односно речиси 40 години. Има одиграно околу 200 претстави од кои во голем број била во главна улога. Играла и во многу детски претстави, а настапувала и на многу фестивали.
Инаку, годинава во конкуренција за оваа престижна награда била и актерката на битолскиот театар Соња Михајловска.
Наградата за животно дело од актерството „Петре Прличко“ се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и благодарница, како и паричен дел. Се доделува од 2006 година, а прв добитник беше актерот Благоја Спиркоски Џумерко.





