Светскиот ден на театарот на 27 март, Народниот театар од Битола ќе го одбележи со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски“, со која беше одбележан и 80-годишниот јубилеј на театарот. Претставата е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски. Играат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните.
Во три кратки едночинки улогата на Ѓоре ја играат Марјан Ѓоргиевски, Александар Димитровски и Никола Пројчевски. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, Андреј Папаз Ѓоргиевски, драматург Билјана Крајчевска, светло мајстор Игор Мицевски, Горан Петровски, тон мајстор Александар Димовски, шминка Стефанија Илиевски, видеооператор Владимир Переловски, автор на плакат Сашо Илковски, инспициент Димитар Михајловски.
Влезниците за оваа претстава ќе бидат по цена од 100 денари, а целиот приход ќе биде наменет за настраданите во Кочани. Ќе бидат прочитани и пораките по повод Денот на театарот, светската ќе ја прочита Ана Грамосли, а македонската – Никола Стефанов.
Се работи за првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември 1944 година. Тогаш беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко.
Во меѓувреме од одбележувањето на јубилејот до денес, во НТБ се потпишаа и Меморандуми на соработка со Здружението на пензионери, Македонското научно друштво Битола, Државното музичко училиште, беше промовирано историското катче на НТБ, во кое децата и посетителите се запознаат со историјата на Битолскиот театар, се гостуваше во Прилеп по повод јубилејот на театарот со претставата „Кокошка“, како и во Штип со претставата „Којзнае зошто“. Во завршна фаза е и опремувањето на новата просторија во која ќе се чува архивата на НТБ, проектирана според барањата на Државниот архив на Република Македонија. Оваа година ќе биде промовирана и Монографијата „Народен театар Битола“, на авторот Иван Додовски.
Во наредните денови на репертоарот на Битолскиот театар ќе биде „Снежана и седумте џуџиња“ (26 март), „Жиголо“ во режија на Благој Мицевски (28 март), а в сабота – „Хамлет денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак.





