Ако ја претставуваме државата пред целиот свет, најмалку што може таа да направи за нас е да ни ги скрати грижите за финансискиот дел. Колку можат нашите семејства да издржат ваков трошок?
Зошто Македонија не нè поддржува, кога сме нејзината иднина? Ако ја претставуваме државата пред целиот свет, најмалку што може таа да направи за нас е да ни ги скрати грижите за финансискиот дел. Колку можат нашите семејства да издржат ваков трошок?
Ова се само дел од прашањата што ги поставуваат талентираните средношколци што ќе ја претставуваат Македонија на 59. Менделеева олимпијада по хемија што во мај ќе се одржи во Бразил. Деветмина средношколци интензивно се подготвуваат на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, под раководство на проф. д-р Миха Буклески и останатите ментори од Институтот, сите членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија. Се подготвуваат иако неизвесно е дали ќе обезбедат буџет да стигнат до Бразил.

Министерството за образование и наука со акредитација го поддржува учеството на државните и меѓународните натпревари по хемија, но Законот за средно образование не предвидува финансиска поддршка на овие патувања.
Ги прашавме младите таленти како се справуваат со овие проблеми, колку им ги отежнуваат подготовките, како го доживуваат односот на институциите кон нив, со оглед на тоа што овие проблеми се одолговлекуваат повеќе од една деценија.
Тамара Татабитовска е 3. година во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. За неа е голем предизвик, исполнување на желба да учествува на светска олимпијада, да ја претстави својата татковина меѓу најталентираните ученици по хемија од цел свет.
– Интересни се подготовките, секојдневно учам нови работи и го проширувам моето знаење по хемија на начин којшто не се применува во образовниот процес во мојата гимназија. Голема привилегија е да имам можност да се подготвувам за олимпијадите во лабораториите на Институтот за хемија каде што изведуваме најразлични експерименти со нашите посветени предавачи. Најтешка за совладување е органската хемија којашто за мене е сосема ново поле во хемијата – вели Тамара.

Таа добива целосна поддршка од семејство во посветеноста да учествува на подготовките.
– Ако се пласирам тие планираат да ми помогнат во обезбедување на финансии за патот. Сепак, тоа е многу девалвирачки за нас бидејќи ќе чувствуваме дополнителен товар во остварување на нашите научни цели. Општеството е тоа кое треба да ни помага бидејќи ние таму ќе ја претставуваме нашата држава, а воедно сме и нејзината иднина – вели Тамара.
Таа планира своето образование да го продолжи во Франција бидејќи одлично го познава францускиот јазик.
– Мотив се подобрите услови за студирање, поквалитетното образование и можностите за вработување и напредување во научни институции кои ќе го ценат мојот труд и знаење – вели Тамара.
Теона Ана Георгиевска, 3. година во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје вели да се претставува татковината на светско натпреварување е огромна чест и задоволство. Ова е нејзино прво учество на Менделеевата олимпијада.
– Особено ми значи бидејќи сум во тим со ученици кои повеќепати ја претставувале Македонија. Со пласманот успеав да го покажам вложениот труд и да се ставам на исто рамниште со останатите – вели Теона Ана.

Таа раскажува дека на Институтот за хемија се работи под „полна пареа“. Неколкупати неделно имаат теориски предавања и лабораториски вежби и експерименти. Професорите се добро организирани и посветени, создаваат пријатна атмосфера и сите со задоволство ги слушаат.
– Сè може да се совлада, но лично посветувам повеќе време на теоријата бидејќи опфаќа доста обемен материјал од хемијата – вели таа.
Теона Ана смета дека должност на државата е да ги покрие патните трошоци за Олимпијадата.
– Учествуваме како национален тим, ја претставуваме Македонија пред целиот свет, најмалку што може таа да направи за нас е да ни ги скрати грижите за финансискиот дел. Моето семејство може да придонесе само со некоја симболична сума која не би направила голема разлика, а ова е случај и кај останатите натпреварувачи. Верувам дека никој не би сакал да се откаже од учество само поради проблеми со финансиите – категорична е таа.
Теона Ана е 3. година и сè уште размислува каде да го продолжи своето образование.
– Ги разгледувам сите опции. Повеќе би сакала во странство бидејќи сметам дека таму повеќе се ценат талентираните студенти и научници, имаат подобри услови за работа и понатамошен развој, додека кај нас, за жал, тоа не е случајот – вели таа.

Даниел Христов е 3. година во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип. Можноста да ја претставува Македонија на Менделеева олимпијада за него е огромно позитивно искуство, но и голема гордост зашто ја претставува татковината на светско ниво. Даниел вели дека подготовките на Институтот за хемија се одвиваат одлично и добива одлично знаење, и теоретски и експериментално.
– Од особено значење ми е експерименталното знаење, затоа што не сум имал шанса да го стекнам ниту во основно ниту во средно. Нема ништо што е тешко за совладување, затоа што сите кои се вклучени во подготовките на лесен и разбирлив начин ни даваат знаење. Во однос на финансиските тешкотии сум разговарал и со менторите и со родителите. Моето семејство не би можело да ги покрие патните трошоците и затоа се надевам на поддршка од државата. Навистина би било штета да не можеме да ја претставуваме Македонија само поради немањето средства, знаејќи дека ние натпреварувачите и професорите вложуваме многу време, труд и напор, за достоинствено да можеме да ја претставиме државата – вели Даниел.

Тој сè уште не знае каде ќе го продолжи своето образование, размислува за странство, но има уште една година до конечната одлука.
– Единствено што знам со сигурност е дека сакам да студирам хемија – вели тој.
Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, научното непрофитно здружение акредитирано да ги организира натпреварите се обидува на секаков начин да обезбеди буџет за двете олимпијади. Секој што сака да им помогне на младите таленти може да донира на следниве сметки:
Денарска сметка:
Можност за директна уплата со картичка:
Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија
Адреса: Архимедова 5, 1000 Скопје, Институт за хемија
Трансакциска сметка (денарска): 300000001352895
Банка: Комерцијална банка АД Скопје
Даночен број (ЕДБ): 4030954350704
Матичен број на здружението: 4105214
Девизна сметка:
Можност за директна уплата со картичка:
Company name: SHTM SKOPJE
Address: Arhimedova 5, Skopje
Acc. No.: 0270100104927
IBAN: MK07300701001049216
BENEFICIARY’S BANK: Komercijalna banka AD Skopje
Ul. Vasil Iljoski br. 3, 1000 Skopje, N. MacedoniaBIC/SWIFT CODE: KOBSMK2X
Фото: СХТМ (архива)





