Како да настапуваше во „Метрополитен“… Пласидо Доминго, живата легенда

Зошто само малкумина уметници во светов се живи легенди и зошто го носат епитетот на најсајните тела во вселената, покажа синоќа големиот Пласидо Доминго. Со каков жар и леснотија 84-годишниот тенор од Шпанија, еден од легендарните „Тројца тенори“ (заедно со Лучано Павароти и Хозе Карерас) скоро до полноќ ја честеше македонската публика со нешто што се случува „еднаш во животот“. Полна беше салата во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Дали беше соодветна е друго прашање.

Пласидо Доминго

Со каква леснотија, стаменост, длабочина Доминго ги изведуваше ариите поделени во два блока, италијански и шпански, како што најавија организаторите уште пред неколку месеци. Арии од оперите „Норма“ на Белини, „Тоска“, „Магбет“ и „Трубадур“ на Верди, дела од Гуереро, Серано, Гименез, Штраус и Лехар се нижеа една по една. Доминго настапи со италијанската сопранистка Марија Жосе Сири.

Таа поединечно и во дует со Доминго го облагороди концертот. Диригентот Марчело Рота од Италија динамично и шармантно раководеше со концертот кој почна неколку минути по 21 часот и со една пауза траеше скоро до полноќ. Поединчени дела без пејачите изведоа хорот и оркестарот при Националната опера и балет. Со неколку биса ја почестија публиката која аплаудираше. Концертот заврши со No puede ser од Сорозбал. Новинарот Сотир Трајков искоментира дека публиката не можеше да доседи, колку што Доминго можеше да испее, на негова возраст.

Марија Жосе Сири

Ова беше прв концерт, но втора посета на Доминго на Македонија. Во 2017 година тој дојде во Скопје на финалето на УЕФА Супер купот, на мечот Реал Мадрид – Манчестер Јунајтед. Доминго беше гостин на македонскиот бизнисмен Аки Нуредини по потекло од Тетовско, кој живее во Виена и е сопственик на ресторанот „Соле“ каде често се собираат познати оперски ѕвезди.

Коцертот го организираа „Прагма продукција“ и Националната опера и балет. Организациски имаше одредени пропусти. Недостигаше испечатена програма, вообичаена за концерти од класичната музика. Ќе беше убаво и некој да ги најави гостите.

Во првите редови беа претставници од Владата, многи политичари, дипломати, бизнисмени, претставници од културниот живот од земјава и од странство. За жал и по неколку биса во салата не слушнавме ниту едно Браво! или Брава! што се вообичаени на вакви концерти во НОБ или во Филхармонијата и македонската публика знае да ги даде.

Уште на самиот почеток на концертот евидентна и очекувана беше разликата во звукот. Едноставно, ваков тип на концерти не се соодветни за спортски сали. Разбирлива е логиката дека живи ѕвезди од рангот на Пласидо Доминго е скап потфат и мора финансиски да се оправда, но остана некако да лебди прашањето зошто не се одело на многу скапи билети кои би ја постигнале рамнотежата. Особено покрај салата на Македонската филхармонија каква што нема во регионот. Како ли ќе звучеше таму Доминго?!

Марчело Рота

А фактот дека диригентот Рота трипати нервозно ја прекина публиката која аплаудираше зашто не препозна дека ариите сè уште траат, одат во прилог на заклучукот дека синоќа не беше секој соодветна публика на големиот тенор. Од друга страна, во прилог на одлуката на организаторот, во публиката имаше многу постари луѓе, вистинските љубители на оперската уметност кои често ги гледаме на концертите во НОБ. Тешко дека ќе можеа да си дозволат многу скапи билети за да уживаат во музиката на големиот Доминго. И пак вистинските љубители на оперската уметност немаше да го проследат концертот…

Синоќа Македонија ја допреа ѕвездите. А најсјајната ѕвезда се однесуваше како да настапува во „Метрополитен“. И затоа е жива легенда.

Фото: Министерство за култура и туризам

Сподели