Ана Ѓокиќ, писателка: Децата треба да се чувствуваат добро, барем во светот на книгите

Новата сликовница „Мирко Немирко“ на писателката Ана Ѓокиќ и илустраторот Ване Костуранов деновиве беше промовирана онлајн

„Мирко Немирко“ е приказна за едено мало, палаво дете-облак. Мирко, како и сите деца, постојано сака да си игра. Патува по небото во потрага по забава. Сакајќи да се шегува со луѓето, наидува на нивното негодување што го збунува…
Ова е дел од содржината на новата сликовница „Мирко Немирко“ на писателката Ана Ѓокиќ и илустраторот Ване Костуранов која деновиве беше промовирана онлајн. Македонската верзија на оригиналот Staško Nestaško е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, во превод на на Бранка Бугариска.

Онлајн-разговорот со авторите го водеше уредничката на изданието, Оливера Ќорвезироска. Ѓокиќ и Костуранов зборуваа за нивната соработка на оваа сликовица, но и за предизвиците при изработка на книгите за деца.
– Со Ване Костуранов имаме неколкугодишна соработка, но сè уште не сме се запознале во живо. Го „открив“ на Фестивалот на детски сликовници „Чигра“, во Пожега, Србија, каде што гостуваше како илустратор од Македонија. Неговите авторски сликовници ме оставија без зборови. Исконтактиравме и почна нашата соработка – вели Ѓокиќ.
Таа е наградувана писателка, книжевна критичарка и драматург, позната и објавувана во регионот. Зад себе има повеќе од 30 драмски текстови и повеќе романи за деца и возрасни. „Мирко Немирко“ не е нејзина прва книга преведена на македонски јазик, но е прва сликовница, и е прва ваква соработка со наш илустратор.

Костуранов е познат македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца. Автор е на сликовниците „Ѕвездено дете“, „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ (трите во издание на „Арс Ламина“), а „Мирко Немирко“ е прво негово искуство со илустрации по туѓ текст.
– Уште пред да ме контактира Ана, дома имавме неколку нејзини книги, сликовници, што ги читавме со моите деца. Ја почитував како авторка уште пред да ја запознам. За мене беше предизвик да илустрирам текст што не е мој, бидејќи првите три сликовници се целосно мое авторско дело. Многу сум среќен што првото вакво искуство е токму со Ана. Tаа е искусна авторка и уредничка и точно знае како треба да се напише текст за сликовница, што подоцна илустраторот треба да го визуализира тоа. При вакви соработки, многу е важно да се погоди сензибилитетот на авторот на текстот и на илустрациите – објаснува Костуранов.

Ѓокиќ вели дека при пишување книга за деца важно ѝ е текстот да им биде интересен и на возрасните. Според неа, тоа е мерило дали книгата е добра. Кога пишува за најмладите (од 3 до 6 години), тогаш внимава да биде колку што е можно поедноставно.
– Најтешко е да се пишува едноставно! Најсложено е во три-четири реченици да ја опфатите суштината. Она што се мисли дека секој може да пишува за деца од три години, не е точно. Лексиката е важна за публиката на која ѝ се обраќате. Сметам дека кога пишувате за деца не треба текстовите да се многу мрачни, туку потребно е да имаат некој вид на „хепи енд“ (среќен крај). Децата треба да се чувствуваат добро, барем во светот на книгите, затоа што често реалноста не е толку убава – вели Ѓокиќ.

Таа е родена и се школувала во Белград, а денес живее и работи во Загреб. Покрај пишувањето, уредувањето и издавањето книги, голем дел од својата кариера ја посветува на организирање на книжевни настани, обуки и фестивали. Иницијаторка е на Фестивалот на книгата и книжевноста „Внимавај, книга!“ (Pazi, knjiga!), на Меѓународниот фестивал на сликовници „Овца во кутија“ (Оvca u kutiji), на Меѓународната патувачка изложба на илустрации „Ме сака, не ме сака“ (Voli me, ne voli me), како и на многу други уметнички проекти чијашто цел е поврзување на уметниците од разни земји. Уметничка водителка е на Здружението „Креативна мрежа“ (Kreativna mreža). Периодов е посветена на организација на фестивалот „Внимавај, книга!“, каде што Костуранов ќе биде почесен илустратор. Ќе се одржи голема изложба на негови илустрации во три различни галерии во Загреб.

Целата промоција на книгата можете да ја погледнете ТУКА.

Сподели