„70 години од првата национална поставка“ е насловот на изложбата која на 7 септември ќе биде отворена во Даут пашин амам, во Старата скопска чаршија. Ќе бидат застапени 150 ликовни дела од 100 автори – слики, акварели, цртежи, графики и скулптури, подарени и откупени од 1948 до 1951 година. Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова од Националната галерија на Македонија.
– Изложбата е потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот кој тогаш ја водел Уметничката галерија „Скопје“ – Борко Лазески и Никола Мартиноски, Комисијата за откуп на ликовни дела чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски и на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија – велат организаторите.
Во овој период направени се трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција: Даут-пашин амам е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија. На свеченото отворање на Галеријата, на 2 август 1951 година, биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви.





