Приказната е објавена во рамките на серијалот „Умни млади“ што Умно.мк го реализира во соработка со Europe House Skopje
Како поединци можеме да влијаеме со нашиот начин на живот, нашите ставови, погледи на светот. Понекогаш треба малку за да ни се случи голем пресврт и да си кажеме дека можеме да научиме од добар пример. А, има ли поубав начин на учење од дружење со луѓе кои сакаат да научат од вас и вистински да ги размените искуствата?!
Младите најдобро учат токму на овој начин. Со вакво искуство можат да се пофалат и младите скопјани Кристина Цоковска и Блажо Ковачевски – екоактивисти во организацијата „Гоу грин“. Таму се запознаа и се дружеа со 19-годишниот Тил Антон Брич, Германец кој пораснал во самоодржливото екосело Зибен Линден на северот во Германија. Кристина и Блажо му помагаа на Тил во работилниците организирани во просториите на Europe House во Скопје, Струмица и во Крива Паланка.
Тил Антон Брич
По завршувањето на средното училиште младиот Брич решил да волонтира. Преку ESC (Европскиот солидарен корпус) ja пронашол Асоцијацијата „Биди зелен“ (Go Green) која му ја понудила Република Северна Македонија за волонтирање. Тој е тука веќе пет месеци, а планот е да остане цела година. Неговата идеја е да им го сврти вниманието на младите Македонци кон климатските промени. Како да создадете вертикални градини, како да сплетете нешто од волница, што ѝ прави текстилната индустрија на планетата и слични темите на кои работи со своите врсници.
Мила Јовановска, претседателка на „Биди зелен“ објаснува како реагираат нашите младите екоактивисти кога ќе се сретнат со нивни врсници што имаат поразлична приказна и доаѓаат од средина која има многу поразвиена еколошка свест.
Мила Јовановска
– Изненадени се што воопшто постои таков концепт. Малкумина имаат слушнато за заедници каде што сите живеат заедно, пред сè во одржлива заедница. Меѓутоа никој никогаш не посетил таква заедница, уште помалку имаат запознаено некој што пораснал таму. Кога Тил говори за неговите навики, за него нормални и секојдневни еколошки навики, на младите им изгледаат доста тешки. Оттука и нивната мотивација да се сменат, бидејќи сфаќаат дека станува збор за перцепција, за изградени ставови од околината и влијанието што го имаме од околината. Им станува јасно доколку секој е свесен и сака да го смени тоа, не постои никаква пречка да еден човек води одржлив начин на живот – вели Јовановска.
19-ГОДИШЕН ГЕРМАНЕЦ ГИ УЧИ МЛАДИТЕ МАКЕДОНЦИ ЗА ОДРЖЛИВ ЖИВОТ ВО ЕКОСЕЛО
Таа објаснува дека и Тил учи постојано за нашиот начин на живот. Размената е во вистинска смисла – размена.
– Младите луѓе и членовите кои биле во контакт со Тил многу повеќе се мотивираат да го следат тој одржлив начин на живот што тој го живее и им го пренесува тука – вели Јовановска.
Кристина е матурантка во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Ја сака екологијата. Многу ѝ се допаднале работилниците што ги имале со Тил.
Кристина Цоковска
– Тој одлично се снаоѓа за време на работилниците и луѓето се многу заинтересирани да слушнат што има да каже. Некогаш изгледа многу нереално, бидејќи во мојата средина нема многу луѓе кои живеат таков живот – вели Кристина.
На прашањето дали кај нас е изводлив таков начин на живот – со создавање минимален отпад, возење велосипед и други начини за што помалку трошење необновлива енергија, таа вели:
– Да, секако. Изводливо е во секоја држава. Сè зависи од тоа каков е самиот човек и дали може да го живее животот на тој начин – вели Кристина.
Блажо Ковачевски
Нејзиниот пријател и екоактивист Блажо Ковачевски вели: „Ако се сака, сè се може“. Потребно е да се сменат навиките, да се промени свеста и да се воспостави систем, но секако дека е изводливо да се имплементира и кај нас.
– Кога прв пат дознав од каде доаѓа и каков живот имал таму, бев вџашен од тоа колку човекот може да живее во хармонија со сите, но доколку свеста е на повисоко ниво. Многу е добро кога ќе слушнеме човек надвор од нашата земја како го пренесува своето знаење на доста интересен и примамлив начин – вели Ковачевски, кој студира енергетика и екологија на Машинскиот факултет.
Кристина вели дека многу од нејзините еколошки навики всушност се поклопуваат со тие на Тил. Но, покрај познанството со овој млад човек, сфатила дека е многу важно да посветиме внимание на пластиката што секојдневно ја купуваме.
– Едноставен пример за тоа се пластичните цевчиња кои можеме да ги замениме со метални – вели таа.
Блажо, кој исто така се труди да биде што повеќе во допир со природата и да создава што е можно помалку отпад, вели дека она што секогаш ќе му остане како лекција и кое има интересна приказна е користењето на платнена торба наместо пластични кеси.
– Свеста кај младите е на многу ниско ниво и потребно е време да се сменат тие навики. За жал, сè повеќе и повеќе гледам како луѓето околу мене не се грижат за околината во која живеат – категоричен е тој.
Кристина, која која членува во невладина еколошка организација, вели дека луѓето во нејзината средина се еколошки зрели индивидуи и тие се грижат за животната средина.
– Но, многу млади не се доволно образовани за важноста на заштитата на животната околина и поради тоа и нивната свест е на пониско ниво – завршува Кристина.