Непрофесионално и недозволиво е какво било користење на материјалите без согласност на издавачот и авторите на изложбата и публикацијата, а уште помалку вршење на интервенции и корекции на авторскиот труд, велат од Археолошкиот музеј
Бронзени, а не сребрени се предметите од 7-6 век пред новата ера, и тие не се од неолит туку од железното време. И не се работи за женско божество, туку за женско погребување, велат археолозите од Археолошкиот музеј во Скопје во својата реакција на нестручната интервенција во авторските материјали и повредата на авторските права во изложбата „Кралевите на Европа“ што минатата недела кусо беше поставена во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Битола.

Извор: Археолошки музеј на РС Македонија
Умно.мк во петокот го објави ставот на Бобан Хусеновски, археолог-советник во пензија, каде тој остро реагира на измените во изложбената поставка во битолскиот Завод и музеј каде беа претставени дваесетина предмети што во изминатите две години беа дел од мултинационалната патувачка изложба „Првите кралеви на Европа“ во САД и во Канада. Тој реагираше што „без согласност на авторите, некој на новиот банер на,Дамата од Милци‘, по лично естетско убедување ги нагласил и зголемил женските (мајчински) атрибути, а посетителите биле информирани дека бронзената култна пластика и накитот се од сребро, иако се сите бронзени предмети.“

Реконструкцијата на банерот / Извор: Завод и музеј – Битола
Порталот Сдк.мк вчера објави текст во кој директорот на битолскиот Завод и музеј, Зоран Николовски, дипломиран архитект и сценограф, вели дека не загрозил авторско право „зашто авторството значи стручност, а тој не направил промена во стручниот дел“, а корекцијата ја направил за да ја збогати изложбата. Дополнително, тој реагира зошто јавноста се фаќа на овој елемент, а не дека направиле напори да ја организираат изложбата.

Оригиналниот дизајн / Извор: Археолошки музеј на РС Македонија
Денеска реагира Археолошкиот музеј на РС Македонија кој во соработка со Музејот од Гевгелија во 2019 година ја постави изложбата „Статусни симболи на пајонските заедници“ каде беа претставени пет богати женски погребувања од локалитетите Лисичин Дол, Исар Марвинци кај Валандово и Милци кај Гевгелија.
– Автори на оваа изложба беа кустосите-советници д-р Александра Папазовска од Археолошкиот музеј и Бобан Хусеновски од Музејот во Гевгелија, кои изработија и каталог со наслов „Статусните симболи на пајонските заедници“. Проектот беше дел од Годишната програма на Археолошкиот музеј за 2019 година поддржан од Министерството за култура – пишува во реакцијата.

Извор: Археолошки музеј на РС Македонија
„Кралевите на Европа“, пак, е проект во кој со свои предмети учествуваа Заводите за заштита на спомениците на културата и музеј на Битола и на Прилеп и гевгелискиот Музеј, а национален координатор беше д-р Гоце Наумов. Изложбата беше претставена во неколку институции во САД и во Канада.
– Оваа изложба по враќањето, на 17 февруари беше поставена во малата сала на Заводот и музеј во Битола. За презентацијата беше искористена идеална реконструкција на гробот 111 од Милци објавена во 2019 година во каталогот и презентирана на изложбата „Статусните симболи на пајонските заедници“. На реконструкцијата Заводот и музеј од Битола си зедоа за слобода без одобрение од авторите или издавачот да извршат интервенции и корекции. Во согласност со Законот за авторско право и други сродни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16) и член 127, Археолошкиот музеј на РС Македонија како издавач ги има авторските права на веќе објавениот материјал. Непрофесионално и недозволиво е какво било користење на материјалите без согласност на издавачот и авторите на изложбата и публикацијата, а уште помалку вршење на интервенции и корекции на авторскиот труд – категорични се од Археолошкиот музеј.

Извор: Археолошки музеј на РС Македонија
Дополнително, тие тврдат дека директорот Зоран Николовски покрај нарушувања на авторските права за реконструкцијата на погребувањето од Милци, изнесува и некомпетентни и нестручни тврдења во врска со гробот од Милци:
– Не се работи за женско божество туку за женско погребување, кое временски не потекнува од неолитот туку железно време, односно 7-6 век пред н. е. и претставените предмети не се сребрени туку се изработени од бронза – пишува во реакцијата.





