Од оваа перспектива кога го гледам мојот живот, некогаш и мене ми изгледа како научна фантастика повеќе од кој било друг жанр. Доброто е тоа што никогаш не сум гледал како тоа изгледа од страна, туку сум го живеел моментот и не сум се плашел од своето љубопитство, колку и да ми изгледало се’ апстрактно на моменти – вели нашиот музичар со светска кариера
„Кинематика“ или „Во светот на филмската музика на Дуке Бојаџиев“ е насловот на концертот што нашиот врвен музичар ќе го одржи на 7 февруари во Македонската филхармонија. Овој целовечерен концерт ќе ги пренесе слушателите низ најзначајните моменти од филмското творештво на Бојаџиев, создавајќи емотивно патување кое ја истакнува убавината на филмската музика и нејзината моќ да ги допре најдлабоките делови од човечката душа. Светот е негова сцена, а на Македонија секогаш ù се враќа со драго срце.

Бојаџиев ќе настапи заедно со: Злата Тошевска-Димовска, сопран, Климент Тодороски, прва виолина, Милена Тодороска-Мургоски, втора виолина, Марија Димитријевиќ, виола, Енис Аљи, виолончело, Мартин Ѓаконовски, контрабас и Павел Ренџов – тапани, перкусии.
Какво патување ќе биде „Кинематика“?
– Каде и да живеам и работам, коренот не си го заборавам, од таму тргнав, таму ми е генот и базата на мојата инспирација. Со „Кинематика“ обележувам 20 години од мојата работа на полето на филмската музика. Ова ми е воедно и прв концерт на кој ќе изведувам само музика од мојата филмска работа. Иако постојано ја имам филмската музика како дел од моите концерти, овој пат ќе биде целиот концерт и концепт фокусиран на 20 години од моето работење на ова поле.

Како ги избравте гостите на концертот?
– Идејата за „Кинематика“ почна со концертот минатото лето во Куршумли ан, кој беше посветен на премиерата на „Одење пеш“ (The Walk) на Тамара Котевска. Отсекогаш сум ја свирел мојата филмска музика како дел од концертните репертоари, но ова беше прв пат да биде концертот посветен само на филмска музика, што ми беше многу инспиративно, бидејки филмската музика беше моја главна инспирација последните 20 години.
Меѓу гостите ќе има некои со кои работам од самите почетоци на мојата кариера. Марија Димитријевиќ на виола ми е соработник веќе 30 години, со неа ги почнав првите чекори во џезот, уште за време на медицинските студии и имам многу пати соработувано низ годиниве. Мартин Ѓаконовски на контрабас и Павел Ренџов на тапани се исто така драги пријатели и соработници од најраните почетоци. Мартин ме воведе во водите на џезот, а и нашите татковци беа пријатели. Има многу приказни и историја со моите гости, за што повеќе ќе кажеме на самиот концерт.

Три децении активно музичко творештво, многу меѓународни проекти и соработки се зад вас. Кога ќе се свртете назад и ќе си го претставите својот пат досега на филмска лента, како ќе Ви изгледа тој филм?
– Изгледа како некој авантуристички филм, со елементи од научна фантастика и надреализам. Мојата музичка приказна почнува од моето рано детство, но професионалната работа почна пред три децении, а во филмското поле влегов пред точно две децении. Од оваа перспектива кога го гледам мојот живот, некогаш и мене ми изгледа како научна фантастика повеќе од кој било друг жанр. Доброто е тоа што никогаш не сум гледал како тоа изгледа од страна, туку сум го живеел моментот и не сум се плашел од своето љубопитство, колку и да ми изгледало се’ апстрактно на моменти.
Ваша беше музиката на The Walk на Тамара Котевска – една мистична музичка лекција, едно духовно патување кое никого не може да остави рамнодушен. The Walk е проект што зборува за многу важна тема, верувам дека беше посебно патување и за Вас како автор. Како и пристапивте на темата на бегството од дома, на повикот за спас?
– На The Walk му пристапив исто како како што му пристапив и на моето животно патешествие, со многу љубопитност, храброст, искреност и страст. Во мојот случај, во мојата лична приказна бегството од дома не беше причина, туку последица од мојата огромна желба кон истражување на непознатото и новото, барање нови хоризонти и испирации. Огромна глад за нови знаења и искушенија кои носат нови предизвици. Соработката со Тамара беше едно преубаво и уникатно искуство, како професионално, така и лично.
Музиката Ви е љубов од мали нозе, а влијанието на вашиот татко Тодор Бојаџиев врз Вас е огромно. На што сте најблагодарен денес од тоа што го научивте од него за музиката?
– Од татко ми учев многу спонтано и интуитивно, најверојатно од таму е и уникатноста на мојата животна приказна и мојата длабока емотивна поврзаост со него и моето детство. На двајцата музиката ни беше животна страст и инспирација. Разликата беше што јас иако исто како и него завршив Медицински факултет, низ неговиот пример сфатив дека тој длабоко во душата секогаш бил уметик, и сфатив дека е тоа нешто што тебе те одбира. Секој обид да се избега од тој повик е обид да се избега од судбината и она за кое суштински си роден. Неговата улога да станам она што сум денес беше круцијална и секогаш бевме повзани на еден посебен уникатен начин.
На што сте фокусиран периодов? Дали можеби подготвувате нов албум?
– Периодов сум фокусиран на концертов, на новиот филм од Тамара Котевска и на еден мој проект кој подолго го спремам, на полето на музико-терапија и спој на музиката, фреквенциите и медицината. За тоа повеќе понатаму годинава, но можам да кажам дека е многу е возбудливо и е нешто на кое работам и за кое сонувам веќе долги години.





