Замина музичката легенда Константин Коце Икономов

На 78-годишна возраст синоќа почина Константин Коце Икономов – гитаристот на култните македонски групи „Безимени“ и „Бис – Без“ и долгогодишен член на Ревискиот оркестар на МРТ. Икономов беше роден 1946 година. Музиката ја засакал уште од мали нозе, па така по завршувањето на основното училиште се запишал во средно музичко училиште, каде важел за еден од најтелентираните виолинисти.

Се запишал да студира медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, по желба на мајка си. Но, како лекар никогаш не работел, зашто музиката како негова прва и последна љубов толку го обземала што со појавата на рокенролот на овие простори, почнал да свири по разни групи.

Коце Икономов важи за еден од основоположниците на македонската рок сцена. Како гитарист и клавијатурист членува во неколку од првите култни македонски бендови, меѓу кои секако се групите „Безимени“ од чија фузија со „Бисери“ ќе настане легендарната група „Бис – Без“, чиј еден од основоположниците е и самиот Икономов.

„Бис – Без“ е рок група создадена во 1964 г. во Скопје, под силно влијание на легендарните Битлси. Од групата Бисери, во бендот, дошле Станислав Длака (гитара) и Ламбе Смилевски (бас гитара), а од групата Безимени: Константин Икономов – Коце (на гитара и клавијатури), Димитар Чемков – Циме (гитара), Димитар Попанков (тапани) и вокал Стевче Јаневски – Чивчи. Ова е првата постава на групата, а подоцна, во бендот членувале и други музичари.

Создале грст хитови од кои најзапаметена е секако легендарната композиција „Дал да плачам ил да пејам?“ која ќе остане евергрин, како рок класик за вечен спомен на едно време. Икономов беше член на Ревискиот оркестар на МРТ уште од неговите сами почетоци и остана се до пензионирањето.

Во 2006 година, Икономов доби „Златна бубамара“ на популарноста за животно дело.

Сподели