НУБ не е само покривот и новите столчиња – рече министерката Стефоска

Специјална работна група ја утврдува состојбата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ за да се направи план за ревитализација. Архитекти и градежни инженери веќе направиле проверка на проектот за санација на покривот. Бидејќи оцениле дека сè е во ред, проектот влегува во програмата за следната година, рече на денешната прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска откако со новинарите ја посетија библиотеката која е запуштена и во прилично руинирана состојба.

– Се прави пресек на финансиско-нормативното работење на НУБ, која носи премногу големо име на кое мора да сме му достојни и благодарни. Ги повикуваме медиумите, а со тоа и јавноста, не за да бараме изговор за лошата слика, туку поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатство – рече Стефоска.

Ирена Стефоска

Кон крајот на јули Стефоска го разреши директорот на НУБ, Фремзим Даути, со образложение дека инспекции утврдиле неправилности во работењето. Претходно медиумите објавија слики од читалниците, полавени, распаднатаи, со искршени столчиња.

– Враќањето на достоинството на овој репрезентативен објект со бесценета содржина започна. НУБ не е само покривот и новите столчиња, туку многу повеќе. Ги повикувам сите општествено-одговорни компании и поединци да се приклучат, да бидат дел од онаа генерација што ја ревитализирала Националната и универзитетска библиотека. Нема да сме првите во светот кои на ваков начин ги поткрепиле своите национални библиотеки. Веќе водиме разговори со одредени донатори зашто ова е голема работа и само сите заедно ќе успееме да ја кренеме на нозе Националната и универзитетска библиотека – рече Стефоска.

Јелисавета Костадинова

Министерката беше во придружба на новата в. д. директорка, Јелисавета Костадинова. Таа на новинарите им ја покажа состојбата во читалниците, депото, Центарот за дигитализација каде е неопходен стручен кадар, современа опрема, чуварска служба. Костадинова повика на свесност за непроценливото значење на овој објект и укажа на неговата долгогодишна импозантност и сјај избледел под „забот на времето“.

– Тоа не значи дека е намалена неговата важност за државава – рече Костадинова.

И таа апелира до колемите компании да помогнат. Костадинова ги посочи архивите на весникот „Нова Македонија“ и напорите да се дигитализираат за полесно искористување на овој драгоцен новинарски архивски материјал. Покрај тоа што е расчистено предворјето на НУБ, се расчистува и внатре. По изборите, ќе почне санацијата на една од читалниците, за што се одобрени средства за оваа година. Покривот ќе биде саниран догодина.

Лабина Митевска

Новинарите присуствуваа и на дел од снимањето на филмот „Најсреќниот човек на светот“ од Теона Митевска, кој се снима во НУБ. Продуцентката, Лабина Митевска ја посочи важноста на овој објект, во кој тие како продукција веќе вложиле средства за санација на една од читалниците.

 

Сподели