Со изложба на авторката Сања Жигиќ од Србија, синоќа беше отворена 14. Графичка работилница „Софија“ во Богданци. Изложбата на уметницата од Нови Сад, која е дел од работилницата од самите почетоци, беше изненадување за неа од организаторите. Жигиќ е и ментор на работилницата на која годинава учествуваат шестмина млади и талентирани уметници од ликовните академии во Србија, Хрватска, Италија и од Македонија. Од денес се е подготвено за создавање нови графики.

– Беше голем предизвик да се организира работилницата, но одлучивме да не дозволиме пандемијата да ѝ застане на патот на уметноста. Го редуциравме бројот на учесници и преземавме низа мерки, со цел настанот да се одвива со целосно почитување на протоколите за заштита од ковид-19. Искрено веруваме дека токму уметноста и креативноста ќе нѝ помогнат полесно да го пребродиме овој тежок период. Се надеваме дека идната година ќе може да ја организираме работилницата со целосниот капацитет и достојно да го одбележиме 15-годишниот јубилеј – велат од здружението Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот.

Работилницата ќе трае до 30 август, а ќе биде затворена со завршна изложба, која исто така ќе биде поставена во Домот на културата. Главен поддржувач на настанот е Печатница „Софија“ Богданци, а одржувањето го помогнато и Министерството за култура и општината Богданци.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година и досега низ неа продефилираа повеќе од 200 млади графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.





