Денес, кога славиме 30 години од осамостојувањето на државата исклучително е важно да се обрне внимание на културата, да се евалуира создаденото, рече Ана Василевска

Филмот и филмските автори се најголемите културни амбасадори кои континуирано помагаат во претставување и промовирање на нашиот идентитет, слобода и независност. Во овие 30 години независна филмска продукција во Македонија се бележат голем број филмови кои ја претставија нашата држава на сите релевантни светски фестивали, рече продуцентот Томи Салковски на свеченоста во Кинотеката на Македонија со која почнаа тридневните проекции на македонски филмови во Скопје, во рамките на одбележувањето на 30 години независност.

Во Летното кино на Кинотека беа присутни политичари, љубители на филмот и претставници на филмската фела во Македонија. Тие ги проследија филмовите „Камената градина“ (2018) на Даријан Пејовски и „Кобра“ (2018) на Игор Иванов-Изи. На присутните им се обратија Иванов-Изи и двократниот олимпиец во боречки вештини, Шабан Трстена, на кого и се однесува филмот „Кобра“.

Шабан Трстена (лево) и Игор Иванов-Изи

– Актуелната ситуација предизвикана со светската пандемија, домашните случувања кои ја засегаат филмската индустрија, но и податокот за успесите кои ги бележиме овие 30 години нека бидат поттик за враќање на филмот на вистинскиот колосек. Поддршката на ваков тип на манифестации е од голема важност – рече Салковски.

Ана Василевска, филмска критичарка, се осврна на оформувањето на независната македонска држава во 1991 година, што донесе многу политички и социјални промени кои се рефлектираа на секое поле од општествениот живот.
– Денес кога се пребројуваат и се апсолвираат овие премрежија, транзиции, успеси и падови и се слави 30 годишнината од осамостојувањето на државата исклучително е важно да се обрне внимание на културата, односно да се евалуира создаденото. Филмот како највлијателна уметност, секако не остана имуна на политичките промени и самата во овие три децении изоде трнлив пат за да стигне до ѕвездите. Не е нескромно ако се каже дека техничкиот и креативниот развој на филмот до денес доживеа големи позитивни промени и донесе највидливи резултати од сите дејности од културата. Доказ за тоа се успесите кои ги нижат македонските филмови, кои само во 2020 година заземаа 222 учества на меѓународни фестивали и освоија 59 награди – рече Василевска.

Во рамките на манифестацијата „Филмска култура“ утре и задутре во Кинотека ќе се одржат уште неколку проекции на филмови кои се бесплатни за посетителите. Тие почнуваат од 20.30 часот. Публиката утревечер ќе може да ги види „Види ја ти неа“ (2017) и „Соба со пијано“ (2013) и „Љубовникот“ (2018), „Намини бар еднаш“ (2013) и „Три дена во септември“ (2015) во четврток. „Филмска култура“, во организација на „Црна мачка продукција“ е поддржана од Владата и се организира според сите протоколи за заштита од ковид-19.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.