„Скриени желби, немирни патувања“: За изворот и делтата на приказните

Третиот роман на Јанковски ја доби наградата „Роман на годината“ што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“, а ќе биде македонски претставник и за наградата „Балканика 2021“

Пишува: Александра Јуруковска

Средбата со „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски (Антолог – Книжевен центар, 2020) е едно, по многу нешта, необично читателско иксуство. Книга не многу долга и голема по бројот на страници, но огромна по бројот на приказни, а уште повеќе по можностите за интерпретација.
Поделена на два дела, како и самиот наслов, книгата на Јанковски е загатка со мноштво решенија. Мозаичниот приказ на ликовите (повеќе од педесет), но уште повеќе на приказни што се плетат околу нив, ја прави интересна и во жанровска смисла – роман што може да се чита и како збирка раскази, корпус навидум неповрзани приказни.

Привлечноста на раскажаното, необичноста на приказните и ликовите од нив, дозволуваат една динамика на читање во еден здив, што пак од друга страна може да биде на штета на ловењето детали и нишки кои се важни за вмрежувањето на сите приказни во една целина. На моменти брзината од во-еден-здив, на пример може да биде заменета и со читање по сопствен редослед или избор на страници, што исто така може да биде необично забавно. Која и страница да ја одберете, ќе се сретнете со обичен лик, но само на прв поглед, бидејќи по само неколку збора или реченици, ќе сфатите дека се работи за лик со необична карактерна црта. Тоа на прв поглед се сосема обични смртници, но најчесто со необични опсесии, желби, прашања и навики: колекционер на насмевки, колекционер на реченици, жена чиј фетиш се хотелските соби, човек опседнат со идејата да живее туѓи животи, продавач на тишина.

Во раскошната плејада имиња предадени во првиот дел „Скриени желби“- се раслојуваат токму желбите. Раскажувачот го води читателот на некое микрониво, во некој микросвет во кој ликовите генерално гледано имаат една заедничка особина – вљубеност во приказните: свои, туѓи, целосни, фрагментирани, дефрагментирани и слично. Ваквиот заеднички содржател е даден преку интересна наратолошка постапка – точката на гледање (фокализацијата) како прецизна камера, а тонот на раскажувањето е субјективен, што загатката ја прави уште посложена.

Во книгата се крие и цел слој од кроки-приказни, скици за други приказни, приказни од фиока и цел куп книжевни замки и заемки од многу книжевни жанрови (кус-кус расказ, хаику, новела), но и другите уметности, а најмногу од филмот. Филмските секвенци, редењето на сликите, но пред се’, галеријата од мини-портрети потсетува на еден Вуди Ален и неговите филмови во кои има барем по еден чудак. Можеби не случајно еден од ликовите во книгата (Уршка Ловренц) во својата биографија во една реченица во второ лице еднина ќе запише: „ти си онаа што мисли дека секој човек во себе носи по еден мал чудак, а животот се претвора во тага кога дозволуваме тој чудак во нас предолго да спие“ (Јанковски, стр. 13).
Цитатот не е случајно избран, оти чувството по прочитувањето на книгата е слично на ова – дека авторот на ова комплексно дело пробудил цела армија „чудаци“, податливи за анализа. Атмосферата низ која сите тие дефилираат пак, гледано повторно низ филмскиот јазик, потсетува на една амелипуленовска енергија и ентузијазам – дека наспроти фатумот, мора да постои начин да се прикаже и раскаже секоја приказна. Ова пак е константа во поетиката на Јанковски, присутна и во неговите претходни дела „Невидливи љубови“ и „Вечно сегашно време“.
Вториот интересен контрапункт во „Скриени желби, немирни патувања“ е времето и бројните варијанти на соочување со него. Од нив како највпечатлива е фасцинацијата од синхроницитетот или мрежата приказни со дејствија што се случуваат истовремено, во ист миг, на различни точки во светот. Различни луѓе прават исти, слични или различни нешта. Дел од помошните наратолошки линии во „Скриени желби, немирни патувања“ се обидуваат да одговорат на таа потреба – да се забележат, уловат, запишат нештата кои во даден миг се случуваат на различни географски страни во светот. Суштината или сржта е во нијансите што се јавуваат помеѓу.

Со ова е поврзан и третиот значаен агол, а втор дел од книгата „Немирните патувања“ – фасцинацијата од времето, секогаш повлекува и фасцинација или потреба од простор. Просторот или местото во оваа книга е неомеѓено. Напротив, тоа е една широка мапа места низ светот, испишани како постојани или привремени податоци од биографијата на сите ликови, вклучително и на четирите главни. Обидот по прочитувањето да се направи список на сите топними може да се замени со еден заеднички именител – град. Притоа градот е општа именка – секој град и Градот – како посебен град и место, па и посебен лик во дел од приказните. Можеби неслучајно една од главните хериони Бистра, на една страница (43) разговара со својата роднина Емилија (миниомаж на Влада Урошевиќ и неговото дело „Мојата родинина Емилија“?!) токму за градот и предметите во него, кои како да се топат, слеваат, лепат по патиките или пак за време на сексуалниот чин продираат во самото тело.

Местото на градот и местата во градот како една од суштините на раскажувањето, повторно потсетува на уште една својственост од делата на Јанковски – да се направат обезлуѓени и луѓести портрети на градовите. Овој детаљ од романот посебно е засилен на самиот крај, кога многуте приказни се слеваат во една, како делта на една голема река, голема приказна. Таа пак не завршува, ами останува отворена или се враќа на почетокот, затоа чинам дека неслучјано еден од главните ликови-патокази за себе го избира псевдонимот Уроборос – знакот/симболот на змијата што си ја јаде опашката.

Текстот е објавен во списанието „Културен живот 1-2/2021“

Сподели