Ретроспективна изложба на Тања Балаќ и промоција на монографија за нејзиното тридецениско творештво се закажани на 31 август во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Слики, објекти, инсталации, видео арт и експериментални филмови на ќе бидат изложени на ретроспективата. Монографијата Tanja Balac-30 Years-ArtWorks е со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.
Според Пенушлиски, покрај тоа што сликите на Балаќ делуваат како да се направени во еден здив, во едно застанување пред штафелајот, „изразните средства на бојата и ритамот на широки потези на четката“ се резултат на свесен процес што на крајот резултира со пастуозно сликана површина.
– Ова дополнително ја потврдува импресијата што ја добиваме кога за првпат ќе застанеме пред сликите на Балаќ. Тоа се дела на сликар; на сликар во вистинската, класична смисла на зборот. Нејзините платна имаат темпераментни потези и желба за создавање сликарски површини во кои големиот, критичниот момент што ја води Балаќ напред кон истражување нови сликарски проблеми е оној исконскиот, стариот порив на традиционалните мајстори на четката: да се слика – пишува Пенушлиски.
Околу 2010 година Балаќ сè повеќе се интересира и за видеоуметноста. Нејзините дела остварени во тој медиум често се коментар на она што се случува во светот. „Раѓањето на нацијата“ од 2016 година директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Видеата Perceptio Inversa и Stuck Together може да се поврзат со големата бегалска криза.

Павлеска вели дека ангажираната уметност на Балаќ е еден од ретките примери кои овозможуваат активна вклученост на восприемателот.
– На моменти езотеричен и опскурен, понекогаш потполно соголен и експлицитен, поетскиот израз на Балаќ, покажува несомнено плодна продуктивност и разновидност, релевантен во поширокиот културален дискурс на овие простори. Антрополошката и социолошката димензија на нејзините дела аргументирано ги допира прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко – вели Павлеска.
Тања Балаќ е родена во Скопје во 1968 година. Во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Остварила повеќе самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувала на многу групни претставувања.





