Археолозите истражуваа населби во Пелагонија од пред 8.000 години

Остатоци од неолитски живеалишта и материјална култура поврзани со првите земјоделци кои формирале населби во Пелагонија пред околу 8.000 години пронајдоа археолозите на истражувања на локалитетите Велушка Тумба кај Породин и Влахо кај Живојно. Истражувањата ги спроведоа ЦИП-Центар за истражување на предисторијата и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола.

– На Велушка Тумба работевме во најдолните слоеви на населбата. Документиравме една од најзините најрани градби од која се открија под, огниште, колци и ѕидови, остатоци од садови, жртвеници, фигурини, мелници, алатки и др. На локалитетот Влахо истражувавме повеќе сонди со кои ги детектиравме границите на оваа голема неолитска населба. Откривме повеќе слоеви од ранонеолитската населба со остатоци од објекти градени од горен и негорен лепеж, компактни подови и големи огништа. Во и меѓу нив пронајдовме фрагменти од садови, фигурини, алатки и мелници, кои говорат за стопанството и верувањата на првите предисториски земјоделци во пелагонската котлина – велат археолозите.

Истражувањата продолжуваат со археоботанички, археозоолошки и радиокарбон анализи. Тековните и целокупните сознанија ќе бидат публикувани во македонски и меѓународни списанија и зборници и ќе бидат претставени на неколку европски конференции.
– Така ќе се овозможи врвно претставување и афирмирање на македонското предисториско културно наследство пред еминентни научници и институции – велат археолозите.

Насловна фотографија: Велушка Тумба

 

Сподели