Училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, вели Патриција ДиЏовани, УНИЦЕФ

Северна Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетува настава на далечина вкупно 54 недели. Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија – посочува ДиЏовани

УНИЦЕФ ја поздравува одлуката за започнување на новата учебна година со физичко присуство, вели Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија. Ви ја пренесуваме нејзината целосна изјава:

Ова особено охрабрува, бидејќи С. Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетува настава на далечина вкупно 54 недели. Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија.
Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со ковид-19 и на нашето сѐ поголемо разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно. Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство. Владите низ светот многу често ги затвораа училиштата за настава со физичко присуство во подолг период. Затворањето на училиштата често се применуваше како прва, а не како последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, а баровите и рестораните остануваа отворени.

Од нашето истражување со раководителите на училиштата, наставниците и родителите во С. Македонија, знаеме дека, иако образованието од далечина помогнало децата да продолжат да учат, над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии или не успевале да го усвојат наставниот материјал поради наставата од далечина. Исто така, повеќето наставници известуваат дека во одредени моменти од наставата на далечина, не можеле да контактираат со некои ученици.

Освен тоа, пред пандемијата на ковид-19, С. Македонија веќе се соочуваше со образовна криза. Иако дава надеж тоа што земјата покажа подобрување при последните резултати од ПИСА, над половина од сите петнаесетгодишници во земјата не ги достигнале основните нивоа на знаење по читање и математика. Секое континуирано нарушување на образованието може да ги поништи овие придобивки.

Со соодветни засилени превентивни мерки во училиштата и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти, ризикот од пренос на ковид-19 во училиштата може да се контролира.
Во земјава, училиштата што се отворија во учебната 2020/2021 година докажаа дека навистина имаат капацитет да ги следат протоколите за безбедност од ковид-19. Исто така, ветува и процентот на вакцинирани вработени во училиштата – околу 62 проценти, кој продолжува да расте.
Затоа, заедницата треба да го поддржи безбедното отворање на училиштата, а доколку ситуацијата се промени, затворањето на училиштата треба да се разгледа само како последна можност, кога нема други алтернативи.
Отворањето и држењето на училиштата отворени бара колективен напор за тие да останат безбедна средина за учење. Сега, повеќе од кога било, на училиштата им се потребни ресурси и капацитети за да го надоместат изгубеното во наставата и менталната благосостојба. Образованието треба да ни стане приоритет и треба да изградиме национална солидарност околу клучните реформи, за секое дете да биде на училиште и да учи.

Фотографија: УНИЦЕФ

 

Сподели