„Сите најубави нешта“: Да разговараме!

Актерот Игор Ангелов ја разбуди, разнежни, насмеа, замисли публиката, ја натера да подзастане, да подразмисли за најубавите нешта во животот!

Секој од нас има своја мала или поголема листа на мали, но важни нешта што му значат во животот. Понекогаш ги забораваме колку се значајни токму малите работи што ни се случуваат, луѓето што ги имаме покрај нас, дозволувајќи да нè понесе чудна емоција или проблем. Погубно е кога таа листа ќе го изгуби значењето или ќе ја прекинеме.

„Сите најубави нешта“ во изведба на Игор Ангелов, во режија на Дејан Пројковски, продукција на „ОХО продукција“, ни зборува токму за луѓето што се кршат, за луѓето што се борат, за сите нас, понекогаш. Или како што вели во претставата, „ако некој не се почувствувал низ животот да не му е добро, дека истиот нема смисла, значи живеел со затворени очи“.

Скопската публика во КСП „Центар Јадро“ ја имаше можноста да ја поздрави првата монодрама на Ангелов. Го видовме Игор Ангелов во друго светло, откривајќи ни уште една негова актерска димензија, во улога поголема и поважна од многу што досега ги имал.

Текстот е повеќе од актуелен. Зборува за прашањето на менталното здравје, на исклучителната важност да разговараме! Режисерот Пројковски тргнал од текстот Every brilliant thing од Данкан МекМилан, но заедно со актерот додале свои елементи, современи и повремено и локализирани, важни за нас.

Актерот на Драмскиот театар ја разбуди, разнежни, насмеа, замисли публиката. Тој исто така, во речиси час и половина активно ја вклучи речиси цела публика, што направи претставата да биде многу интерактивна. Пред вас стои човек кој живее во траумата предизвикана од животот со неговата депресивна мајка, од стравот да се претвори во неа, во луѓето што посегнуваат по својот живот. Го гледаме детето кое, како што само децата умеат, низ игра, пишувајќи кои му се најубавите нешта од детство, се обидува да допре до својата мајка, да и ја врати волјата за живот. Таа приказна ја продолжува и кога ќе порасне, кога ќе ја најде жената на својот живот.

Музиката има многу важна улога во целата претстава. Низ емотивен музички џубокс нè води ликот потсетувајќи се на своето детство и на своите обиди да ја спаси мајка си од загуба, да ја одржува надежта во нејзиниот живот. Тука нè потсетува и на фактот и на големата вистина – ако му се насмееш на светот и тој тебе ќе ти врати со насмевка.

„Сите најубави нешта“ треба да се изведува многу, треба да се изведува во секое средно училиште, на секој факултет, што може почесто! Да биде нешто како театарска лектира. Претставата мотивира да подзастанеме, да размислиме, да се сетите да ги користиме сите подзаспани сетила, да се радуваме дека сме се разбудиле покрај личноста што ја сакаме, да се потпреме на надежта секогаш кога мислиме дека само нам ни се случуваат лоши работи! Оти тоа не е така!

Сподели