Чинот на превод ги вклучува сите предизвици што литературата се обидува да ги постигне: форма на комуникација што се труди да го изрази човечкото битие, неговата визија за постоењето во неговите многу форми. Обидувајќи се да ја постигне таа бескрајна задача, литературата ја покажува својата несовршеност – вели португалскиот писател Хозе Луиш Пејшото.
Жозе Луиш Пејшото е португалски прозаист, поет и драматург. Досега има објавено тринаесет прозни книги, четири збирки поезија, два патописи и две книги за деца. Неговите дела се преведени на повеќе од триесет јазици. Го сметаат за еден од најталентираните современи португалски автори. Добитник е на многу национални и меѓународни награди меѓу кои и наградата „Жозе Сарамаго“. Деновиве е во Скопје, гости на литературниот фестивал „Букстар“.

За романот „Празен поглед“, Пејшото е најмладиот добитник на наградата „Жозе Сарамаго“, што се доделува секои две години за најдобриот роман напишан на португалски јазик. Прогласено за едно од најдобрите книжевни дела на деценијата, делото доживеало голем интернационален успех и се номинирало за сите литературни награди во Португалија. Во 2003 година, ја пишува збирката кратки раскази „Противотров“ во соработка со португалскиот хеви-метал бенд „Мунспел“ со што доживува голем успех и кај музичката публика. На македонски е објавена „Длабоко во тајната“, како и „Книга“ во издание на „Антолог“, годинава.в
Дали сте возбуден што можете во Скопје да се сретнете со вашата публика, но и да стекнете нова?
-Прв пат сум во Скопје и во Македонија. За мене е вистинска радост да можам да учествувам на фестивал како овој. Веќе ја имав и можноста да запознаам луѓе што познаваат дел од. мојата работа уште пред да дојдам. Тоа за мене е вистинска радост.
Што значи за вас фактот дека вашите дела се веќе преведени на 30-ина јазици?
– Чувствувам дека преведувањето е една од активностите што подобро ја синтетизира литературата. Чинот на превод ги вклучува сите предизвици што литературата се обидува да ги постигне: форма на комуникација што се труди да го изрази човечкото битие, неговата визија за постоењето во неговите многу форми. Обидувајќи се да ја постигне таа бескрајна задача, литературата ја покажува својата несовршеност. Истото се случува и со преводот. Преведен текст секогаш е варијација на оригиналот.
Во таа смисла, преведените текстови многу зависат од преведувачите. За мене како автор, чест и привилегија е да знам дека моите дела биле вреднувани за да добијат внимание. Во оваа смисла, се чувствувам многу среќен со сите преводи на моите дела и сум многу благодарен и на читателите на преведените книги. За мене е вистинска награда што можам да комуницирам со нив преку овој прекрасен литературен процес.

Вие сте најмладиот победник на наградата „Жозе Сарамаго“. Дали тој факт ви отвори врата во вашиот живот како уметник, автор?
– Секако! Во тоа време, имав само 27 години и мојот живот се смени комплетно. Авторите на моја возраст не беа наградувани со такви важни награди, а тоа сè уште е многу невообичаено. Исто така, имав можност да го запознаам Хозе Сарамаго. Тоа беше во 2001 година, тој ја доби Нобеловата награда само три години пред тоа и беше многу активен, постојано патувајќи околу светот. И сепак, тој ми обрна многу внимание и останавме во контакт. Бевме пријатели до крајот на неговиот живот во 2010 година. Таа близина исто така ми го смени животот. Напишав роман за тоа и беше објавен во 2019 година.
Личните искуства како тема се нешто што го користите како придобивка во вашата литература. Им дава ли тоа пореалистичен пристап на вашите книги?
– Чувстуввам дека автобиографските извори кореспондираат со начинот на кој луѓето го восприемаат текстот и тоа е многу интересно. Но, не сум сигурен дали книгите стануваат пореалистични, зашто има многу фикција во реалноста.
Кои се вашите омилени автори и тие што ви влијаеле врз кариерата досега?
– Би требало да направам огромна листа и сепак би чувстувал дека таа листа е некомплетна. Во секој случај, можам да ги спомнам авторите што ги сметам за фундаментални, како што се Фернандо Песоа или Хозе Сарамаго.





