„Нов бран – 40 години подоцна“ ги отвора деновите на „Кроација рекордс“

Со филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, што е закажан на програмата на Кинотеката за утревечер во 20 часот, ќе започнат деновите на „Кроација рекордс“. Звучна експлозија на големото платно во дворот на Кинтоеката – вака го најавуваат организаторите. Програмата ќе се состои од неколку документарци што се занимаваат со феноменот на „музичкиот земјотрес“, по кој звучните слики на Љубљана, Загреб, Белград, Скопје, веќе никогаш не беа истите.

Веднаш по проекцијата, Никола Кнежевиќ заедно со Иван Беќковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“ во Македонија, ќе одржат трибина на која ќе зборуваат за значењето на „новиот бран“ на овие простори и ќе се обидат да одговорат на прашањето зошто интересот на публиката за овој феномен не се намалува и по 40 години.

Гости на оваа уникатна манифестација ќе бидат и документаристот Игор Зупе и филмскиот режисер Андреј Кошак.

– Музиката не е секогаш само музика и „новиот бран“ тоа го докажа. Кога панкот го стресе Британскиот остров во 1977 година, неговите жанровски „деривати“ – да бидеме малку политички некоретни – ја „заразија“ Европа како „коронавирус“. „Новиот бран“ на просторите на поранешна Југославија навидум беше музика од „подземјето“, без гламурот на поп-рок „патувачките земјотреси“ на Здравко Чолиќ и „овчарскиот рок“ на Горан Бреговиќ. Но, колку што едно „Бијело дугме“ беше бунт на генерацијата од 70-тите, толку „новиот бран“ ја отсликуваше суровата енергија на генерациите од 80-тите кои, свесно или не, ја насетуваа катастрофата што ќе ја „збрише“ општествената идила која се огледуваше во сликата на „слатката“ поп-музика, низ рефрените на евровизиските песнички на Даниел Поповиќ и групата „Рива“. Парадоксот да биде поголем, токму откако „Рива“ го имаше големиот успех на „Евросонг“ 1989, следната година (1990) европскиот музички натпревар се одржа во Загреб, а веќе во 1991 – СФРЈ веќе не постоеше – пишува филмскиот критичар Стојан Синадинов.

Филмофилите и фановите на „новиот бран“ ќе можат да проследат неколку „рокументарци“.

Сподели