„Стакло“ за мене беше една голема исповед. Филмот се роди кога ја слушав музиката на татко ми, пешачејќи по дождот
Пишува: Александра Јуруковска
Краткометражниот филм „Стакло“ на Нина Маџиров, инспириран и посветен на нејзиниот татко, познатиот музичар Зоран Маџиров, последниве месеци освои значајни награди на неколку престижни фестивали. Стана лауреат на: Prague International Film Awards, Milan Gold Awards и Acting Awards Festival.

– И по три години од пишувањето и играњето во него, филмот сè уште живее, а помислата на целиот процес на креација е дека успеав трагедијата да ја претворам во уметност – вели Маџиров, глумица и продуцент која работи во Лос Анџелес.
Таа во моментов работи на нејзината серија „Ѓубре“ (Tрash) што се прикажува на „Јутјуб“, а толкува и една од главните улоги. Инаку, „Стакло“ е нејзиното првенче во кое таа ја раскажува емотивната приказна за трагично загинатиот македонски музичар со светстско реноме. Филмот досега освоил повеќе од дваесет награди ширум светот.

Вели дека пишувањето на „Стакло“ било влегување во нејзината реалност, во нејзиниот горчлив свет.
– Горчлив, а сепак мој. Борбата во мене беше помеѓу реалноста и надежта. Ми беше премногу тешко да се соочам со смртта на мојот татко. Но, тој ме научи на борбеност, едноставно, не смеев да се откажам од надежта. ,,Стакло“ за мене беше една голема исповед. Филмот се роди кога ја слушав музиката на татко ми, пешачејќи по дождот. Се чувствував осамено, разочарано, сама во Лос Анџелес. Ништо не можев да придонесам, ниту пак да помогнам за состојбата на татко ми. Со идејата и развојот на оваа приказна, мислев дека ќе му помогнам некако побрзо да стане и да заздрави. Желбата ми беше целото семејство да го гледаме краткиот филм и да се гушнеме на крајот. За жал животот понекогаш знае да биде многу тежок и да нè тестира на начин на кој никогаш не би ни помислила – вели Маџиров.
Таа се потсетува кога татко ѝ, магионачарот на стаклени шишиња, почина. Имала премиера на претставата „Галебот” од Чехов со класата на Факултетот. Кога дознала за неговата смрт била подготвена да ги напушти сè и да се врати во Македонија. Но, знаејќи дека тој тоа не би го сакал, играла три дена, во негова чест.
Дека со „Стакло“ работи на нешто вредно, знаела уште на почетокот од целиот процес кој бил многу емотивен.
– Имаше еден момент на снимањето, кога го удрив шишето, знаев дека и тој е со мене. И само го слушнав гласот на татко ми: „То бре Нинчи, оди само напред!“ И тогаш почувствував спокој во мојата душа. Мојата режисерка Амалија само дојде, ме погледна, имаше една минута на тишина, слушнав само „Cut” и целата екипа во филмот почна да плаче и да ми аплаудира. Е тогаш почувствував дека тоа е тоа! И тоа ми беше целта со тој краткометражен филм, да инспирирам некого. Може да кажам дека тоа и ми е целта како битие! Сакав целосната трагедија да ја претворам во уметност – вели Нина.
Американската премиера на „Стакло“ беше во TCL Chinese Theatre каде што се прикажуваат најпознатите филмски премиери во Холивуд, како дел од Golden State Film Festival. Исто така се прикажуваше во Универзал Студиос киното како дел од дипломската на Нина на Њујоршката филмска Академија.

Македонската премиера беше во рамките на „Синедејс“ во 2019 година. Филмот се прикажувал на 23 фестивали, а некои од позначајните награди за филмот се: најдобра актерка – Actors Awards, најдобра актерка, режија и оригинална приказна на Лос Анџелес филмските награди, најдобра актерка и најдобра инспиративна приказна на Њујорк филмските награди, најдобра актерка во краток филм – Top Short, најдобар инспиративен филм – Milan Gold Awards, најдобра режија – Top Shorts, најдобра оригинална приказна – Los Angeles Film Awards.

Маџиров вели дека изразувањето на чувствата преку уметност е нешто што го научила од својот татко. Сликање, музика, пишување, глума, секоја уметност на која тој ја учел искористила во филмот.
– Снимајќи го филмот, сфатив дека доживеав едeн вид катарзично искуство. Целата тага, сите емоции, наеднаш испловија на површината. Целото искуство, цела трагедија што се случи на моето семејство одлучив да го ставам на филмското платно. Секој миг на тага што го доживеав сакав да го претворам во нешто убаво После цела постпродукција, имав огромна трема како ќе реагира публиката на овој филм. Дали ќе разберат за што се работи, дали ќе им се допадне итн… Сакав да го заштитам од глупави и непотребни коментари. Сепак ми е прв официјален филм што го напишав, а истовремено и изглумив во него. Никогаш ни на крај памет не си помислив дека филмот сè уште ќе живее и после 3 години од снимањето. Успехот на „Стакло“ е успех на моето семејство и на мојата екипа – вели Нина.






