Во текот на дваесеттина дена учесниците на Летната школа ќе слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти
Околу 40 нови и стари, непознати и помалку или повеќе познати семинаристи од 15 земји во светот ќе учествуваат на Меѓународниот семинар за македонски јазик кој од 15 август до 2 септември ќе се одржи во Охрид. По пауза од една година, во културноисториското светилиште на духот и традицијата на македонистиката ќе се одржат 54. Летна школа и 48. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предвидена е настава и предавања во живо, со почитување на пропишаните протоколи во време на пандемија.
На 54. Летна школа ќе учествуваат семинаристи од Малезија, Велика Британија, САД, Руска Федерација, Белорусија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, Турција, Унгарија, Полска, Словачка и од Чешка Република. Свеченото отворање е закажано за 16 август во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Свечени обраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски. Пригоднo обраќањe ќе има проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на МСМЈЛК, а потоа ќе се одржи промоција на Зборникот „Предавања на 53. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура“. Промотор ќе биде доц. д-р Гордана Алексова.
Во текот на дваесеттина дена учесниците на Летната школа ќе слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти. На 25 август на платформата Зум ќе се организира и тркалезна маса на тема „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“ на која ќе учествуваат 15 лектори по македонски јазик на странските универзитети и универзитетски професори (странски македонисти).
Планирани се и неколку промоции на изданија меѓу кои се издвојуваат: „Конески на 11 јазици“, „Теми за македонската литература 20 век“ од академик Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов” (дел од македонистиката на овој Универзитет и добитничка на Почесното Рациново признание што се доделува во рамките на Рациновите средби).
На 48. Меѓународна научна конференција покрај домашни, ќе учествуваат и 20 странски излагачи. Ќе се одржи на 3 и 4 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Координатори на оваа Конференција се проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска за темите од лингвистичката секција и проф. д-р Трајче Стамески за темите од областа на литературата и културата. Околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“.





