„МакеДокс“ по 12-ти пат, во живо само за вакцинирани

Повеќе од 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории ќе бидат прикажана на четири локации од 19 до 26 август во Скопје

Дистрибуцијата на документарниот филм и промоцијата на филмовите на европските фестивалите е во фокусот на 12. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ што ќе се одржи од 19 до 26 август во Скопје. Повеќе од 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории ќе бидат прикажана на четири локации: во Куршумли ан, Младинскиот културен центар, Музејот на современата уметност и Музејот на Македонија во Старата скопска чарпија. Мото на фестивалот е „Што сега?“ Организаторите нагласуваат дека сите програмски активности на „МакеДокс“ ќе се одвиваат според протоколите што ќе важат од 16 август. Во согласност со нив, ниту акредитации, ниту влез во фестивалскиот простор нема да биде одобрен без доказ за вакцинираност против ковид-19.

– Во изминативе две пандемиски години сите имавме желба за патување или барем да се помрднеме од место. Тоа нè поттикна да размислуваме и да се преиспитаме како ќе продолжиме да живееме понатаму – вели Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“.

Филмовите ќе бидат прикажани во пет програми: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма и Етички идеи. Ќе бидат доделени пет награди, за кои ќе одлучуваат 15 интернационални професионалци од светот на документарниот филм. Надвор од натпреварувачките категории, но значајни фестивалски програми се: Земја во фокус (Украина) и Програмата за деца и младинци.

Предвидено е годинава на „МакеДокс“ да има околу 30 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со работилниците, мастеркласовите и форумот МакеКоПроДокс.

Фестивалот ќе биде отворен на 19 август во Куршумли-ан со документарецот „Луѓето од гаражите“ на режисерката Наталија Јефимкина од програмата Нови автори. Во рамките на оваа програма ќе бидат прикажани 10 филмови, а меѓу нив и два документарци развивани на МакеКоПроДокс во изминатите две години.

Главната програма содржи 8 филмови, во селекцијата на Кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во Студентската програма ќе бидат прикажани 7 филмови. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 20 филмови, од кои 9 ќе бидат кратки анимирани филмови од Норвешка и три кратки филмови од документарната школа „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Земја во фокус е Украина и ќе бидат прикажани 10 нови документарни филмови, а на фестивалот ќе гостуваат и автори на филмовите.

– Последните неколку години Украинците како вистински војници напредуваат на светската документаристичка мапа правејќи силен пробив на фронтот на најважните светски фестивали за документарен филм – вели Петрула Велјановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот кој ќе се одвива онлајн, предвидени се мастерклас со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови и работилница за пичинг на документарни филмови, која ќе се одржи на 17 август, пред почетокот на фестивалот. Централно место во индустрискиот сегмент зазема 3. издание на форумот МакеКоПроДокс, кој ќе се одржи од 23 до 25 август. Форумот ќе се одржи онлајн, а присутни во Скопје ќе бидат модераторите Хеле Хансен, Бриџит О’Шеа и Зејнеп Ѓузел.

– Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и 10 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик – објасни Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 18 часот во Куршумли-ан. 12. издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Град Скопје, повеќе институти, амбасади, задруженија и медиуми.

Фото: МакеДокс

Сподели