Јан Стојановски го освои првото злато за Македонија на Европската олимпијада по физика

ДФРМ им честита на сите ученици за достојното претставување на Македонија на оваа олимпијада. Јан, Емилија и Дамјан се дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на 54. Меѓународна олимпијада по физика во Исфахан, Иран

Матурантот Јан Стојановски го освои првиот златен медал за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика која се одржува во Кутаиси, Грузија.

– Честитки за Јан. Не се сомневавме дека ќе го донесе првото историско злато од оваа олимпијада, имајќи ги предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година. Радувај се Македонијо! – соопшти Друштвото на физичарите на Република Македонија кое го организира нашето претставување на престижниот натпревар.

Јан Стојановски

Тие му посакаа злато и на Меѓународната олимпијада по физика која од 21 до 29 јули 2024 година ќе се одржи во Исфахан, Иран.

На Олимпијадата која завршува денеска, покрај Јан Стојановски кој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје, пофалници за учество добија и неговиот соученик Матеј Гелев, Емилија Николовска од Математичко-информатичката гимназија во Скопје и Димитриј Анѓеловски од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“. Својата држава достојно ја престави и Дамјан Стојанов од „Јахја Кемал“.

Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.

На 8. Европска олимпијада која се одржа од 15 до 19 јули учествуваа 54 држави од Европа и од светот. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици.

– Им се заблагодаруваме на водачите на тимот кои презедоа најголем товар при подготовките на учениците, како и на дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветија голем дел од времето за успешна подготовка на тимот – велат од ДФРМ.

Друштвото се забрагодарува и на Институтот за физика и на ПМФ за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема за време на подготовките на тимот, на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада (останатите средства за ова патување беа обезбедени од страна на ДФРМ) и на нивните поддржувачи и пријатели – донатори кои финансиски ја помогнаа оваа активност.

ДФРМ се заблагодари и на Умно.мк за поддршката на учениците кои учествуваат на олимпијадите по физика.

– ДФРМ им честита на сите ученици за достојното претставување на Македонија на оваа олимпијада. Јан, Емилија и Дамјан се дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на 54. Меѓународна олимпијада по физика во Исфахан, Иран и им посакуваме уште поголем успеси – велат од ДФРМ.

Фото: ДФРМ

Сподели