Математика, нутриционизам, медицинска физика, менаџмент на културно наследство, нанохемија, туризам… Што сè им нуди ПМФ на идните студенти?

Ова се институтите каде може да го продолжите своето образование, прочитајте што можат да ви понудат

Од етнологија до економска математика, од географија до медицинска физика, од сеизмолигија до нанохемија и нутриционизам… Каква примена во секојдневниот живот имаат насоките и студиските програми што им ги нуди Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје на идните студенти. Според проф. д-р Валентина Славевска- Стаменковиќ, ПМФ претставува бренд во македонското високо образование, модерна високообразовна и научна институција со студиски програми кои го следат европскиот високообразовен систем, со достигнувања во науката кои исполнуваат високи меѓународни стандарди.

– Образовната мисија Факултетот ја отстварува со атрактивни и квалитетни студиски програми на прв, втор и трет циклус студии кои профилираат стручни, креативни и претприемчиви индивидуи што е евидентно од бројните дипломски работи и магистерски трудови, како и врвните докторски дисертации. Значајниот број меѓународни научно-истражувачки проекти и низа научни публикации во еминентни научни списанија со фактор на влијание на наставниот кадар говори во насока на отстварување и на научно-истражувачката мисија на ПМФ – вели Славевска-Стаменковиќ.

Покрај современата наставно-образовна и богатата научна дејност, Факултетот поддржува и општествени, културни и спортски активности за студентите. Студентите веќе 49 години по ред учествуваат на Спортско-научната манифестација „Приматијада“. На оваа манифестација учествуваат студенти претставници од сите природно-математички факултети од поранешните југословенски републики кои со свои екипи се натпреваруваат во спортски дел и во научен дел од следниве области: математика, физика, хемија, биологија, географија и информатика. Дополнително, Факултетот организира и работилници, едукативни теренски истражувања, а на студентите им е овозможено и чеството на дебати, кампови и меѓународни натпревари од различните области.

Валентина Славевска-Стаменковиќ

– ПМФ продолжува да ја следи својата визија – да претставува центар на природно-математичките (биологија, географија, математика, физика и хемија) и хуманистичките науки (етнологија и антропологија) за успешно да се создаваат стручни и професионални кадри, конкурентни на пазарот на трудот и подготвени да ја промовираат научната мисла – вели Славевска-Стаменковиќ.

Ова се Институтите каде може да го продолжите своето образование, прочитајте што можат да ви понудат.

Институт за хемија, проф. д-р Наташа Ристовска

Ние едуцираме високомотивирани студенти на прв, втор и трет циклус на студии од областа на хемијата, на студиските програми: применета хемија, наставна хемија и применета хемија – аналитичка биохемија на прв циклус студии. Оваа мисија, Институтот ја остварува преку креирање на современи наставни планови и програми, кои се резултат на меѓународна соработка со водечки институции од Европа. Сите програми се поткрепени со научни истражувања од областа на хемија на животната средина, биоелектрохемија, хемија на храна, структурна хемија, молекулска спектроскопија, нанохемија, квантната и теориска хемија, органска синтеза, хемија на природни производи, експериментална биохемија, образование во хемијата итн.

Драги матуранти, наши идни студенти, ќе имате можност да учите од најдобрите, од професори кои се вбројуваат на листата на „Стенфорд“ на 2 отсто највлијателни научници во светски рамки, членови на МАНУ, носители на престижни награди како научник на годината од областа на природните науки, млад на научник на годината, професори кои реализирале постдокторски престој во странство и др. Неодамна на Институтот за хемија беа вработени осум асистенти кои преку ангажирање со студентите во лабораторија придонесуваат за подинамична настава и работна атмосфера, но она што е особено важно, ги оспособуваат студентите за примена на стекнатите експериментални вештини за решавање на различни хемиски проблеми во конкретни ситуации. Институтот располага со голем амфитеатар, предавални, библиотека, студентски и научноистражувачки лаборатории, лабораторија за талентирани ученици, минералошка збирка и збирка на хемиски елементи. Министерството за образование и наука ги мотивира студентите по хемија со високите стипендии. Вратите на Институтот за хемија се ширум отворени за сите вас.

Институт за етнологија и антропологија, проф. д-р Илина Јакимовска

Институтот за етнологија и антропологија нуди повеќекратни можности за студирање – запознавање на сопствената култура и онаа на „другите“; истражување на старото наспроти новото – традицијата не како фиксирана туку како динамичка категорија; следење на современите текови во третирањето на културното наследство. Сето тоа проследено со теренска настава и голем број „воншколски“ активности, работилници и проекти.

Новите студенти можат да добијат многу од овие студии, но исто така и тие нешто да дадат, да придонесат за промоција на етнологијата и антропологијата како дисциплини кои не се врзани строго за минатото, туку и за сегашноста и за иднината.

Институт за математика, проф. д-р Весна Целакоска

Студиските програми по математика на идните наши студенти ќе им овозможуват да стeкнат темелни знаења од многу области на современата математика, а во тој процес да ја развијат способноста за логично, критично, апстрактно и креативно расудување. Студиите, во зависност од изборот, се насочени кон стекнување и разни видови способности и вештини, како што се: вештини за изведување настава, работа со различни софтвери, способноста за самостојно поставување и решавање задачи, способноста за самостојно моделирање и креативно решавање проблеми од финансиска природа, но и проблеми од непосредното окружување.

Институтот за математика посветува големо внимание на напредокот на своите студенти и ги поттикнува да учествуваат на семинари, математички школи и работилници, не само како индивидуалци, туку ги поттикнува и меѓусебно да соработуваат при изработка на заеднички проекти од одредени предмети. Студиите претставаат основа за натамошно усовршување на некоја од четирите насоки од вториот циклус студии (постдипломски студии).

Институт за физика, проф. д-р Даница Крстовска

На Институтот за физика моментално се активни шест студиски програми на прв циклус студии: астрономија и астрофизика, теориска физика, применета физика, наставна физика, медицинска физика и геофизика и метеорологија. Со завршувањето на наставната насока станувате дипломирани професори по физика, а со останатите пет ќе се здобиете со звање дипломиран инженер по физика во дадената област. Во текот на студирањето физика, покрај учењето и полагањето испити, студентите имаат и низа дополнителни активности – студентска пракса во повеќе институции во државата, во коишто вообичаено работат физичари. Она што можеби најмногу ќе ги интересира новите студенти на физика е каде може да работат после дипломирањето? Одговорот е: Во различни сектори во зависност од студиската програма на која дипломирале.

Дипломираните професори по физика работат во основните и средните училишта. Со теориска и применета физика може да работите во домашни и странски научноистражувачки институции, високообразовни установи, МАНУ, истражувачки лаборатории и во индустријата (КЕМЕТ електроникс, Џонсон Мети…); со медицинска физика во Универзитетскиот клинички центар и други медицински установи, Институтот за јавно здравје, Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ центар), лаборатории за контрола на квалитет и друго. Дипломираните физичари од областа на геофизиката и метеорологијата работат во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ и Хидро-метеоролошките установи во државата.

Институт за биологија, проф. д-р Рената Ќуштеревска

Во бесконечноста на вселената, почнувајќи од најмалото небесно тело до највисоко организираните структури трагаме по нешто што ја прави Земјата уникатна и посебна – ЖИВОТ. Природните науки се секогаш тесно поврзани помеѓу себе, но она што ја издвојува биологијата е токму животот. Како наука, таа го опфаќа проучувањето на животот во сите негови форми и функции, обезбедувајќи фундаментални сознанија за нас самите, за другите организми и за екосистемите во кои живееме. Институтот за биологија ги нуди сите аспекти на значењето на биологијата како наука преку 5 студиски програми, и тоа: молекуларна биологија со генетика, биохемија и физиологија, нутриционизам, екологија и животна средина и биологија – наставни кадри за средно образование. Накратко, студирањето на нашиот Институт го збогатува разбирањето за животот, влијае на здравјето и медицината, води кон зачувување на животната средина, поттикнува иновации, информира лични избори и нуди различни можности за кариера.

Биологијата е динамично поле кое постојано се развива со нови технологии и откритија. Таа отвора врати за различни патеки за кариера вклучувајќи истражување, здравствена заштита, образование, конзервација и биотехнологија. Изборот да се биде биолог може да обезбеди чувство за цел, интелектуална стимулација и можност значајно да се придонесе и за науката и за општеството како целина.

Институт за географија, проф. д-р Благоја Маркоски

Географијата е комплексна наука, која го изучува географскиот простор на Земјата. Ги изучува релјефот, климата, водата, почвата, растителниот и животинскиот свет, населението и населбите, примарните и секундарните стопански гранки, институционалната и линиската инфраструктура и организацијата на државите и општествата. Таа е основа преку која човекот го запознава светот и ги организира условите за живот. Сè друго е надградба.

Институтот за географија во својата над 100 годишна образовна и научна традиција во Македонија поседува комплетен и компетентен наставен персонал со потесни специјалности во сите домени кои се изучуваат во географијата. Се изучуваат научни дисциплини многу корисни и практични во процесот на секојдневниот живот: употребата на карта/мапа, ориентацијата и движењето во географскиот простор, идентификација на карактеристични локалитети итн.

Институтот поседува прекрасна библиотека матична за географија, геологија и етнологија, со богата картографска збирка. Има лаборатории со современа опрема и технологии за практична настава, редовно организира стручни теренски настави низ Македонија и во странство со извонредни искуства и доживувања. Стекнатите знаења се комплексни со широки културолошки вредности и потесно специјализирани области. Дипломата е призната секаде во светот. Смената на генерации овозможува слободни работни места за географи во образовниот систем, но и за работни места во разни проектантски институции и организации, соодветно на развојот на Географските информациски системи (ГИС) како најнов правец во развојот на географската наука.

Сеизмолошка опсерваторија, проф. д-р Катерина Дрогрешка

Институтот за физика при ПМФ е единствениот институт на кој може во детали да се изучува секоја област од физиката како наука. Тоа е местото кое нуди можност да учите од малкуте, но најдобри во Републиката, но и да стекнете практични знаења од областа. Помеѓу останатите насоки за студирање кои ги нуди Институтот за физика е и насоката геофизика и метеорологија, која нуди поразлично искуство од останатите поради можноста за директна практична настава во извршувањето на секојдневната научна и апликативна дејност на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, чии наставни кадри изведуваат настава на стручните предмети од насоката.

Адреналинската, но и работа под притисок во моментите после случен земјотрес, која може да се почувствува за време на практичните вежби од предметите од геофизика, е единствена можност и прилика која не смее да се пропушти, а ќе Ве научи многу. Дополнително, теренската работа која е речиси секојдневие во Сеизмолошката опсерваторија, а во која може да учествуваат и студенти, ја покажува широката палета на можности и различности која сегашните и идни студенти на насоката геофизика и метеорологија ја уживаат во однос на останатите!

Сподели