По речиси една година „Спас за Уметничко“, Фидановски си даде оставка

По речиси една година недоразбирања и протести на дел од вработените, в.д. директорот на Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје си даде оставка. Во неотповикливата оставка упатена до министерката за образование и наука, Мила Царовска, тој наведува: „Давам оставка, пред сè, поради големиот притисок на дел од вработените на кои воопшто не им е гајле ниту за ученциите, ниту за образовниот процес во нашето училиште“.
Фидановски ја поднел оставката на 4 август. На 23 јули Училишниот одбор на училиштето побара оставка од него и го избра професорот Димитар Филиповски за директор. Филиповски осум години го раководеше училиштето пред доаѓањето на Фидановски на позицијата в.д. директор. Министерката Царовска не се произнесе по нивната одлука.

САГА ВО СРЕДНОТО УМЕТНИЧКО: ПРОФЕСОРИ СО ПРОТЕСТНА ИЗЛОЖБА ПРЕД МОН

Дел од вработените во средното уметничко, под мотото „Спас за Уметничко“ цела година укажуваа на наводните недоследности во работата на Фидановски и бараа негова смена. Протестираа неколку пати и пред МОН, организираа инсталации и со транспаренти го кренаа својот глас.
Дознаваме дека за в.д. директор сега е назначена Елена Дуковска од редовите на вработените во училиштето.

Редакцијата на Умно.мк до моментот на објавувањето на оваа информација не доби одговор од МОН, иако постави прашање на 4 август за смената на раководството во училиштето.

Сподели